Прекинато работењето на француската нуклеарна централа поради топлотен бран

Нуклеарна централа во Франција го прекина работењето поради „еколошки ограничувања“ поврзани со топлотниот бран, изјави нејзиниот портпарол.

Нуклеарната централа Голфеш, која се наоѓа на југозападот од земјата, има два реактори со вода под притисок од 1,3 гигавати и ги користи водите на реката Гарон за ладење на своите реактори.

Еден реактор е исклучен после полноќ како превентивна мерка поради очекуваното зголемување на температурата на водата во Гарон до 28 степени Целзиусови. Со оглед на тоа што првиот реактор е надвор од употреба поради закажано одржување уште од мај, работењето на централата е целосно прекинато.

Според декрет од 2006 година, температурата на реката не смее да надмине 28 степени Целзиусови по испуштањето на водата од централата, со цел да се заштитат локалните растителни и животински видови.

Сите 57 француски нуклеарни реактори мора континуирано да се ладат и поради тоа се наоѓаат покрај морето или во близина на реките. Во екстремни жештини, зголемувањето на температурата на реките би можело да го принуди националниот енергетски оператор EDF да го намали или дури и да го запре своето производство за да не ги загрева водотеците дополнително. 

МИА

Најнови вести

Најново од Свет

Најчитани вести