Трамп ја отповикува Агелер и уште 29 амбасадори ширум светот

Администрацијата на Доналд Трамп започна голема дипломатска промена– речиси 30 кариерни амбасадори се отповикани од своите позиции ширум светот, а на листата е и амбасадорката во Македонија, Анџела Агелер. Потегот има за цел да ја зајакне агендата „Америка на прво место“ и да постави кадар кој целосно ги поддржува приоритетите на претседателот, информира 360 Степени.

„Длабоко сме и благодарни на амбасадорката Агелер за нејзината служба во Северна Македонија во изминатите три години и посветени сме на обезбедување непречена и ефективна транзиција што ќе им даде приоритет на мисијата на САД и нашите дипломатски односи“, потврдуваат од Амбасадата на САД за МИА.

Амбасадата нагласува дека ќе продолжи да работи нормално во текот на овој процес.

Како што пренесуваат светските медиуми, повикувајќи се на официјални лица од Стејт департментот, шефовите на мисии во најмалку 29 земји добиле известување дека нивните мандати завршуваат во јануари. Сите тие ги презеле функциите за време на администрацијата на Бајден, но ги преживеале првичните промени на почетокот на вториот мандат на Трамп.

Во Европа се засегнати Ерменија, Македонија,Црна Гора и Словачка, а по две земји во Блискиот Исток (Алжир и Египет) и Јужна Азија (Непал и Шри Ланка). Во западната хемисфера се засегнати Гватемала и Суринам.

Африка е најпогодениот континент, со амбасадори од 13 земји: Бурунди, Камерун, Кабо Верде, Габон, Брегот на Слоновата Коска, Мадагаскар, Маурициус, Нигер, Нигерија, Руанда, Сенегал, Сомалија и Уганда.

Во Азија-Пацифик следуваат промени во шест земји: Фиџи, Лаос, Маршалски Острови, Папуа Нова Гвинеја, Филипини и Виетнам.

Најчитани вести