Огнови, протести и блокади поради „Безбеден град“

Протести во Битола и Кочани поради „Безбеден град“ и одземањето возила без дозвола. МВР тврди дека новиот систем ги намалил прекршоците и несреќите

Воведувањето на системот „Безбеден град“ предизвика серија огнови, протести и блокади низ државата, откако полицијата започна со построги контроли, казни и одземање возила на лица без возачка дозвола. Дел од граѓаните реагираат со палење гуми и затворање патишта, тврдејќи дека мерките се престроги и дека поединечни заедници се дискриминирани. Од друга страна, голем дел од јавноста бара законите да важат за сите и поддржува засилена сообраќајна дисциплина.

Поделени реакции во јавноста

Воведувањето на системот „Безбеден град“ и построгите сообраќајни правила предизвикаа поделени реакции меѓу граѓаните. Откако полицијата започна со казнување и одземање возила на лица кои немаат возачка дозвола или грубо ги прекршуваат правилата, групи граѓани организираа протести, палење огнови и блокирање патишта, барајќи возилата да им бидат вратени.

Жители на неколку ромски населби обвинуваат за дискриминација, тврдејќи дека многумина од нив немаат завршено образование и затоа немаат услови да полагаат за возачка дозвола.

Блокади на патиштата во Битола и Кочани

Во вторникот попладне, група граѓани го блокираа патот Битола – Ресен во знак на протест против измените во Законот за прекршоци. На видеа објавени на социјалните мрежи се гледа како демонстрантите палат отпад, гуми и дрва на коловозот.

Според информациите од МВР, околу 16 часот СВР Битола било информирано дека патот А-3, Ресен – Прилеп, е блокиран кај местото викано Кај Ромите, поради што сообраќајот бил пренасочен.

Сличен протест се одржал и во кочанската населба Трајаново Трло, каде биле запалени гуми на улицата „Цветан Димов“. Пожарникарите и полицијата интервенирале и го изгаснале огнот, по што собирот е прекинат.

Институциите најавија дека ќе постапат согласно законот, потсетувајќи дека ваквото попречување на сообраќајот претставува кривично дело и нарушување на јавниот ред и мир.

Зошто почнаа реакциите?

Реакциите следуваат откако на 1 февруари започна официјската примена на „Безбеден град“. Од стартот, полицијата информираше дека се приведени возачи од Скопје и Куманово без положен возачки испит и дека им се одземени возилата. Приведен беше и возач од Куманово со 2,09 промили алкохол, на кого исто така му е одземено возилото.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, вели дека првичните резултати покажуваат драматичен пад на бројот на прекршоци. Според него, за време на тест-периодот биле детектирани 120.000 прекршоци, додека на првиот ден од официјалното функционирање бројката паднала на под 500.

Тошковски додаде дека СВР Скопје бележи 32% помалку повредени лица, а бројот на загинати во последните два месеци е намален за 64%. Според него, околу 3.000 возачи со повеќекратни забрани претставувале сериозна опасност за сите учесници во сообраќајот, а новиот систем конечно ги спречува да управуваат возило.

Извор: ДВ

Најнови вести

Најново од Македонија

Најчитани вести