Падна договор меѓу УПОЗ и Владата. Платите на околу 7.800 вработени во државната управа и правосудството ќе се зголемуваат по 8 проценти во наредните три години, плус линеарно ќе се усогласуваат и со растот на минималната плата. Синдикалците задоволни, иако делумно се прифатени нивните барања, но сепак последен амин ќе дадат органите на УПОЗ.
„На средбата мило ми е што се прифати барањето на синдикатот на УПОЗ, додуша не во целост меѓутоа додатоците на плата Владата ги прифати да ги исплаќа на вработените во администрацијата и правосудството. Како што најавувавме и минатата година, ќе бидат на неколку години, значи на три рати по 8 проценти, за жал не по 10 проценти. За жал ќе повторам не ги добивме минатата година, еве сега Владата прифаќа да ги исплаќа од сега, заедно со почеток од месец март, преку начин на што сите институции во државна управа и правосудство, значи судови и обвинителства ќе треба да потпишат поединечни колективни договори за да го добијат ова право“, порача Трпе Деаноски.
Условот да се откажат од Општиот колективен договор останува. Синдикалците треба да добијат поединечни конечни договори за кои треба да се изјаснат. Деаноски вели доколку колегите прифатат, нема никаква пречка, ако не прифатат Владата ќе добие одговор дека веќе се изгуби една година и вработените можеби ќе бараат повеќе, а можеби ќе има условување од страна на Владата за откажување од нешто друго.
„Секогаш ние добиваме линеарен пораст со усогласување на минимална плата. Математиката е, ако минималната плата порасне сега 1.500 денари на тие 1.500 денари добиваме уште 8 посто. Значи дека еве некоја народна пресметка човек што добива триесет и нешто илјади денари ќе добива уште 4.000 денари плус во 12 месеци. потоа другата година на 34.000 денари ќе добива усогласување и уште 8 посто. Значи таа е математиката, она што ги кажуваше паричките премиерот во јавност“, вели Трпе Деаноски.
Во меѓувреме Конфедерацијата на слободни синдикати веќе ја прифатиле понудата на Владата. Соопштија дека започнуваат со постапка за прифаќање на понудата за зголемување на платите на административните службеници во рок од 25 до 26 месеци почнувајќи од март годинава до март 2028 година, при што заедно со линеарното покачување дополнително ќе се покачуваат платите по 8% секоја година. Веќе е започната подготовката на поединечни колективни договори, со цел зголемувањето на платите во администрацијата да стане реалност- велат од КСС. Инаку според математиката на премиерот, ако во наредните три години на платата на административните службеници се додаваат по 1.500 денари од растот на минималецот и секоја година овој збир се зголемува за 8 проценти, ако сега платата е 35.000 денари, за три години би била околу 50 илјади денари или повисока за околу 40 проценти.
извор:mk.tv21.tv


