Земјоделците очекуваат од Владата можност преку постапка за легализација односно утврдување на соспственичкиот статус да станат сопственици на тракторите, тракторските приколки, мобилните машини, мотокултиватори, приколки за домување, како и возила од категориите О1, О2 и L и да можат да ги вклучат во сообраќајот на патиштата како безбедни за намената која ја имаат.

– Ваква можност да ги легализираме тракторите и другата механизација имавме два пати, но не успеавме сите да ја завршиме постапката, требаше да бидеме поагилни. Затоа сега бараме од Владата да ни излезе во пресрет и да ни даде некој рок од 6 месеци до една година да ја завршиме оваа процедура. Го известивме и министерството за оваа потреба и мислиме дека ќе ни се излезе во пресрет – вели за Агротим Гоце Серафимов од Асоцијацијата на земјоделци.
Земјоделците уште еднаш потенцираа дека имаат проблем околу документацијата на тракторите кои ги поседуваат, а со заострените законски критериуми ќе се оневозможи нивното користење, ако не ги легализираат.
извор: Agrotim.mk


