Собранието, во рамките на 90. седница, денеска, со 71 глас „за“ и 11 „против“, за заменик-министер за одбрана го избра Адмир Шабани, а за заменик-министер за образование и наука, Дритон Сулејмани.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, образложувајќи ги предлозите, истакна дека изборот на двајца заменик-министри е решение кое не е само кадровска одлука, туку дел од поширокиот процес на зајакнување на институциите, на враќање на довербата во државата и на градење систем што работи во интерес на граѓаните.
– Нашата обврска како Влада е да поставиме луѓе што имаат знаење, интегритет и чувство за државна одговорност. Луѓе што ќе работат посветено, професионално и чесно, во служба на државата и на сите граѓани – рече Мицкоски.
Мицкоски во дебатата одговори на обвинувањата на Халил Снопче од Алијансата за Албанците, кој го критикува предлогот за заменик-министри, но и работата на Владата.
– Народот ви даде кредит и вие треба да ги исполните ветувањата – рече Снопче искажувајќи забелешки за реализацијата на програмата на владејачките партии. Пратеникот рече дека никогаш претходно потрошувачката кошничка не била поскапа, како и енергијата, дека нема напредок во правосудството и, меѓу другото, зборуваше и за меѓуетничките односи, криминалот и корупцијата.
Во делот на криминалот, Мицкоски потсети на директорот на Геријатрија во Ѓорче, висок функционер на АА, кој беше осуден и се богател на грбот на пациентите, но исто така се наврати и, како што рече, на „Ѓока и катната гаража“.
– За жал, ние таков тип на политика не водиме. Во врска со неколкуте работи што ги кажавте како невистини: на „Транспаренси интернешнл“ пораснавме четири места, не паднавме 11 места, а в година јас ви давам збор од овде дека растот на „Транспаренси интернешнл“ ќе биде двоцифрен, односно борбата против криминалот ќе биде поголема – рече премиерот.
МИА


