Утринава започна нов бран ирански напади со дронови и ракети врз земјите од Персискиот Залив, пренесува СиЕнЕн.
Армијата на Кувајт соопшти дека „бран непријателски дронови“ целел кон складишта за гориво на Меѓународниот аеродром. Според кувајтските медиуми, противвоздушната одбрана пресретнала повеќе балистички ракети, а шрапнели и остатоци од пресретнатите проектили оштетиле дел од цивилната инфраструктура.
Дрон ја погодил и зградата на државната институција за социјално осигурување во Кувајт. Властите соопштија дека нема повредени лица во нападот.
Двајца припадници на граничната служба загинале „при извршување на националната должност“, јавуваат државните медиуми. Засега не е познато дали инцидентот е директно поврзан со нападите на аеродромот и висококатницата.
Министерството за одбрана на Саудиска Арабија соопшти дека противвоздушната одбрана пресретнала најмалку 21 дрон рано утринава.
Министерството за внатрешни работи на Бахреин информира дека три лица се повредени при пад на остатоци од проектили. Оштетени се универзитетска зграда и постројка за десалинизација на вода.
Во Обединетите Арапски Емирати, противвоздушната одбрана реагирала на закана од ракети.
Нападите следуваат по изјавата на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, кој вчера им се извини на земјите од регионот за нападите врз американските бази во текот на изминатата недела. Тој порача дека Иран нема да ги напаѓа државите од регионот доколку тие не учествуваат во американските напади врз Иран.


