(ВИДЕО) Една година по трагедијата во “Пулс”, во Кочани траорна атмосфера, родителите се чувствуваат заборавени

Родителите, роднините и пријателите на трагично починатите деца во кочанската дискотека „Пулс“  денеска одржаа едногодишен помен. Со солзи и тага, во алејана на ангелите, тие се присетија на младите животи кои згаснаа прерано, информира 24ТВ.

Томче Стојанов, татко на 25 годишниот Андреј Стојанов кој е еден од жртвите во пожарот, на годишнината од трагедијата за Телевизија 24 рече дека како родители се чувствуваат заборавени од државата. Иако на почеток добивале ветувања, сега, како што рече, институциите само си ја префрлаат вината од едно на друго место. 

Томче Стојанов, татко на Андреј Стојанов

– Имавме средби ни ветуваа, гарантираа, дека стојат зад нас, дека имаме поддршка, дека имаат разбирање, дека се свесни за нашата ситуација. Ама како поминуваше времето некако ситуацијата се одолговлечи и почна ситуацијата да се пренасочува, не е моја вина, вината е на некој друг и така да речам одговорноста се префрлаше од институција во институција и на крај испадна дека позади нас нема никој, нема ништо, дека никој не сноси вина и одговорност и дека ние сами треба да се бориме

Стојанов објаснува дека од 16 март минатата година, за нив нема никаква утеха. Деновите ги поминуваат покрај вечните почивалишта на нивните деца.

Томче Стојанов, татко на Андреј Стојанов

Ние како родители ден за ден секој ден само од сабалје до вечер на гробишта сме. Плачеме и гориме без огин. Свесни за се ама болката и тагата се незаменливи и нема утеха за ништо 

Пред поменот на гробишта, во црквата Свети Георгија Победоносец се одржа и богослужба за починатите. Со службата чиноначелствуваше поглаварот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија Господин Господин Стефан. 

И една година по трагедијата Кочани се уште е завиен во тага. Жителите на градот со солзи во очите се сочувствуваат со семејствата на загинатите и велат дека болката е огромна.

 Кочани немам зборови, ја чувствуваме болката. Болката е голема, со нивните родители заедно чувствуваме жал за сите деца што загинаа, тоа е голем број.

После оваа трагедија уште потешко е.

Жално, многу жално. Немам зборови. Скоро преку една фамилија, ако не е најблизок, роднина е.

Никогаш да не се случи во Македонија ваков нешто. Никој во Македонија не може да го подели чувството со нив. Греота.

Програмата за одбележувањето на годишнината од трагедијата во која животот го загубија 63 млади луѓе а над 200 беа повредени продолжува и во текот на утрешниот ден со низа спортски активности. Централното одбележување ќе биде во понеделник на 16 март.

Најнови вести

Најново од Македонија

Најчитани вести