Две лица загинаа во руски напади врз Харков, две жртви и во украински напади во Белгородската област

Две лица загинаа во руски напади врз украинскиот град Харков и неговата околина, исто и две лица во напади регистрирани во руската Белгородска област, пренесуваат светските агенции повикувајќи се на официјални извори.

Обвинителството во Харковската област соопшти дека жена повредена во напад врз градот, починала во болница, додека девет лица биле ранети при напади врз два градски реони. Во друг напад во погранична област, руски дрон усмртил лице во неговото возило.

Локалните власти на дунавското пристаниште Измаил соопштија дека во руски напади биле оштетени пристанишни и енергетски објекти.

Од руската страна, гувернерот на Белгородската област Вјачеслав Гладков изјави дека украински дронови убиле 18-годишно момче на мотоцикл во село близу границата, како и жена во автомобил во градот Грајворон.

Белгородската област често е цел на украински напади. Минатата недела четири лица загинаа при гранатирање на јавна зграда во Белгород.

Во Москва, градоначалникот Сергеј Собјанин изјави дека биле пресретнати и уништени 17 украински дронови насочени кон руската престолнина.

МИА

Најчитани вести