НАТО денеска ја критикуваше нуклеарната политика на Русија и на Кина и ги повика двете земји да соработуваат со САД за поголема стабилност и транспарентност, во пресрет на меѓународната конференција.
Во соопштението, 32-те членки на Алијансата ја нагласија својата „цврста посветеност на целосна примена“ на Договорот за неширење на нуклеарно оружје, кој е клучен столб на глобалната контрола на вооружувањето од 1970 година. Изјавата е објавена пред конференцијата за ревизија на функционирањето на договорот, која следната недела почнува во Обединетите нации во Њујорк, во услови на геополитичка нестабилност, вклучително и војната на Русија против Украина и конфликтот на САД и на Израел со Иран.
„Русија ги прекрши клучните обврски за контрола на вооружувањето и користи неодговорна, заканувачка нуклеарна реторика. Кина брзо го проширува и го диверзифицира својот нуклеарен арсенал без транспарентност“, се наведува во соопштението на Северноатлантскиот совет. Членките на НАТО „силно ги поддржуваат напорите на САД за повеќестрана стратешка стабилност“, се додава во документот.
Во интервју за „Ројтерс“, помошник-генералниот секретар на НАТО, Борис Руге, посочи дека употребата на руската балистичка ракета со среден дострел „Орешник“, способна да носи нуклеарна боева глава, претставува уште еден пример за неодговорно однесување, пренесува БТА.
– Денес се соочуваме со Русија која се повлече од сите значајни договори за контрола на вооружувањето, развива различни системи за испорака на нуклеарно оружје и е вклучена во најголемата војна во Европа од 1945 година – изјави Руге.
Русија, пак, во февруари соопшти дека ќе остане одговорна нуклеарна сила и по истекот на договорот „Нов СТАРТ“, кој ги ограничува ракетите, лансирните системи и стратешките боеви глави на САД и на Русија.
МИА


