Иран заплени два контејнерски брода во близина на Ормускиот Теснец

Иран соопшти дека денеска запленил два контејнерски брода кои се обидувале да излезат од Персискиот Залив преку Ормускиот Теснец, откако врз нив и врз уште едно пловило бил отворен оган. Ова се први заплени од почетокот на војната со САД и Израел во февруари.

Иранската новинска агенција Тасним, блиска до Корпусот на исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), извести за заплените и пренесе предупредување од морнарицата дека секое нарушување на безбедноста во Ормускиот Теснец ќе се смета за преминување на „црвена линија“.

Заплените бродови се „МСЦ Франческа“ (MSC Francesca) под знаме на Панама и „Епаминондас“ (Epaminondas) под либериско знаме. ИРГЦ ги обвини дека пловеле без дозволи и манипулирале со навигациските системи.

Грчкиот оператор „Техномар Шипинг“ (Technomar Shipping Inc.) потврди дека бродот „Епаминондас“, со екипаж од 21 член (Украинци и Филипинци), бил нападнат со ракети и огнено оружје, при што е оштетен командниот мост, но екипажот е на безбедно.

На бродот „МСЦ Франческа“ се наоѓаат четворица црногорски морнари, потврди министерот за поморство на Црна Гора, Филип Радуловиќ. Тој изјави дека морнарите се во добра здравствена состојба и дека се во тек преговори меѓу бродската компанија и иранската страна. Третиот брод, „Еуфорија“ (Euphoria), исто така бил погоден, но продолжил со пловидбата.

Техеран воведе строги ограничувања во Ормускиот Теснец по бомбардирањата на Иран од страна на САД и Израел на 28 февруари. Прометот низ оваа клучна точка, низ која вообичаено поминуваат по 130 бродови дневно и 20 отсто од светското снабдување со нафта, е намален на само десетина бродови дневно. По најновите инциденти, цените на нафтата на светските берзи повторно почнаа да растат.

МИА

Најчитани вести