ИПАРД средствата повторно достапни за македонските земјоделци

Денеска пристигна официјално известување од Европската комисија, Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој, дека средствата од ИПАРД-програмата се повторно достапни за македонските земјоделци. Во согласност со навреме преземените активности, направената целосна и детална контрола за користење на ИПАРД-средствата, утврдено е дека нема неправилности во постапките. Тоа значи дека системот функционира, институциите постапуваат одговорно, транспарентно и во интерес на македонските земјоделци – соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.

Трипуновски на прес-конференција објасни дека Брисел никогаш не ги блокирал средствата, туку дека во моментот кога излезе во јавност случајот со злоупотребата на претходниот директор на Платежната агенција, се активира националниот механизам, кој го извести Брисел.

– Го известивме Брисел дека е потребно да се изврши вонредна контрола со цел да не се дозволи да се фрли црна дамка, со што инициравме на транспарентен начин да се проверат сите активности поврзани со средствата од ИПАРД-фондовите. Тоа беше препознаено како одличен чекор од Брисел, со тоа што навремено се интервенира во оваа ситуација. Следуваше темелна проверка од ИПАРД-структурата по што се достави сеопфатна информација до европските институции во согласност со воспоставените процедури.

Министерот упати порака до земјоделците – да продолжат да аплицираат, да инвестираат и да го развиваат производството.

– Владата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство стојат зад вас. Продолжуваме со инвестиции, модернизација и развој на овој важен сектор за нашата држава. Ќе продолжиме со уште позасилено темпо да работиме посветено, чесно и одговорно во интерес на граѓаните, со нулта толеранција за злоупотреби, со целосна транспарентност и со максимална поддршка за македонските земјоделци – нагласи министерот Трипуновски.

Извор: Агротим

Најнови вести

Најново од Македонија

Најчитани вести