Штети кај винови лози и овошки предизвикаа ниски мајски температури во општина Росоман. Оваа информација ја потврди попладнево за МИА, росоманскиот градоначалник Ѓорѓи Крстевски.
– Точно е, има дел зафатено, особено ниските делови на територијата на општината. Ќе ја следиме ситуацијата. Првично, има поголеми штети кај лозови и овошни насади, во долните реони. Во меѓувреме, ја следиме ситуацијата. Во контакт сме сите, со советниците во Советот на Општината и претседателот, претседателот на комисијата за земјоделство. Ги известив и министерот и Министерството за земјоделство. Доколку се утврди дека има поголеми штети, на лице место, во понеделник ќе се свика општинската комисија за земјоделство и доколку има потреба, најбрзо што може ќе се формира комисија за проценка на штети на терен – појасни градоначалникот.
Крстевски истакна дека не памети ова да се случило досега, штети кај виновите лози и овошките од ниски температури во месец мај.

Во Преспанскиот регион, поточно селата под Галичица, Евла, Болно, Горно Дупени се зафатени од пролетен мраз. Јаболката, сливите, црешите, крушите и дуњите се многу оштетени, а оревите се 100% – информира Пере Транталовски за Агротим.
Земјоделци јавуваат за штети во Тиквешијата и Штипскиот регион.



