Додека европските држави преминуваат кон слободни пазари и ги напуштаат државните монополи, познавачите на индустријата и домашните приредувачи на игри на среќа велат дека Македонија свесно чекори кон криминализација на секторот.
Тие посочија дека нацрт-законот кој се турка сè повеќе наликува на веќе виденото албанско сценарио, кое како што велат „под превезот на лажен морал отвори широк простор за нелегалното обложување и профитерство на поединци“. Уште во 2018 година, владата на Еди Рама во соседна Албанија прогласи целосна забрана на спортските обложувалници и казината, правдајќи се со „заштита на семејствата“. Меѓутоа, тамошната опозиција со години предупредуваше дека вистинската цел е елиминирање на легалната конкуренција за да се централизира монополот на онлајн обложувањето кај братот на премиерот, Олси Рама, за кој се сомневаше дека преку својот партнер си обезбедил 30-годишна концесија за мониторинг на овој бизнис.
Експертите предупредуваат дека сликата денес кај нас е речиси идентична, што логично го наметнува прашањето: Кој ќе биде македонскиот „Олси Рама“ кој ќе застане на чело на новиот државен монопол? Албанскиот експеримент заврши неславно, односно самиот Рама подоцна призна дека забраната пропаднала и дека мафијата инкасирала огромни суми „на црно“. Ова резултираше со неодамнешно легализирање на онлајн обложувањето, но само за 10 ексклузивни лиценци наменети за елитата. Затворањето на легалните објекти од страна на македонската Влада и вицепремиерот Изет Меџити постојано се аргументира како неопходен чекор за „заштита на младината“. Сепак, доколку се анализира Членот 7 од предлог-законот, се забележува дека Владата всушност отвора пат за воведување на целосен државен монопол врз интернет игрите на среќа.
Асоцијациите АСОМ и АПИС од друга страна, континуирано алармираат дека овој закон ги жртвува работниците и го празни буџетот. Тие велат дека со ликвидацијата на 100% регулираните домашни компании, власта си обезбедува терен каде профитот ќе го контролираат политичките моќници, а затворањето на легалните објекти нема да ја спречи желбата за игра, туку само ќе ја пренасочи во темните подруми на мафијата и на странски нерегулирани сајтови, без никаква државна контрола.


