Напаѓачот од турскиот округ Мерсин, кој вчера уби шест лица и рани осум, се самоубил

Напаѓачот од округот Мерсин, Југоисточна Турција, кој вчера отвори оган во ресторан и уби шест лица, меѓу кои и неговата поранешна сопруга, се самоубил кога станало јасно дека ќе биде фатен од полицијата, јави информативниот сајт „Хаберлер“.

Напаѓачот (37) прво отворил оган во месарница и ресторан во локалниот град Тарсус, каде што работел пред една година. При пукањето ги убил сопственикот на локалот, како и еден вработен, и ранил неколку клиенти.

Потоа избегал од местото на злосторството, но продолжил со убиствата. Неговите други жртви биле возач на камион, застрелан на бензинска пумпа, поранешната сопруга на убиецот, убиена додека одела по улица, мотоциклист, кого го турнал во канал за време на бегството, и овчар кој исто така бил застрелан и убиен.

Додека возел во обид да побегне, напаѓачот ранил осум лица, кои се пренесени на лекување во државната болница во Тарсус и во други болници во околината.

Операцијата за фаќање на сторителот, за кого првично се сметаше дека побегнал во шума, продолжила до утринските часови. При оперативно-истражните активности била лоцирана куќата каде што мажот се криел.

Кога увидел дека ќе биде фатен од полицајците, мажот се самоубил, јавија турските медиуми.

Според информации од гувернерот на Мерсин, сторителот бил зависник од недозволени супстанции, повеќе пати бил хоспитализиран и му биле поставени повеќе психијатриски дијагнози. 

МИА

Најнови вести

Најново од Балкан

Најчитани вести