Новиот предлог-закон за игрите на среќа отвора сериозни прашања за тоа која е целта на ваквата регулација. Наместо дебата за унапредување на индустријата, која и сега е меѓу најстрого контролираните во земјата, законот се предлага без консултација со засегнатите страни, што отвора сомнеж дека зад нетранспарентното носење на законот се кријат бизнис интереси подготвени да жртвуваат десетици илјади работни места за креирање на нов државен монопол.
Вистинското прашање е кој ќе ја преземе одговорноста кога над 10.000 луѓе ќе останат на улица, додека капиталот, наместо во буџетот, ќе завршува во нелегални играчници и во строго контролирани монополи? Ова не е закон за заштита на општеството, туку класичен пример за прераспределба на моќта и пазарот преку институционална сила.
Она што е најспорно во предлог-законот и процесите што претходеа на ова законско решение е двојниот аршин околу онлајн обложувањето. Предлагачите постојано повторуваат дека сакаат да ги тргнат децата од пороците и од мобилните телефони. Сепак, со новиот предлог-закон државата си го зема ексклузивното право целосно да го преземе приредувањето на игри на среќа преку интернет. Тезата дека ова се прави за заштита паѓа во вода токму тука. Добро е познато дека во интернет просторот не постои строга физичка контрола и задолжително покажување лична карта пред вработен, каква што е секојдневната практика на вратите во легалните објекти за игри на среќа.
Овој начин на функционирање всушност никогаш не ни престана, иако власта во изминатата година прикажуваше дека го стега обрачот околу онлајн игрите на среќа и затвори повеќе од 300 сајтови, додека државната онлајн платформа „Мегавин“ никогаш не престана да работи и јавно да се рекламира. Тоа јасно покажува дека главната цел не е да се искорени обложувањето од општеството, туку да се исчисти пазарот од легалната конкуренција.
Колку е опасна оваа политика на затворање на легалниот систем, најдобро покажува примерот со соседна Албанија. Деновиве таму повторно гледаме масовни полициски акции (како акцијата „Fair Play“) во кои се апсат луѓе за нелегално онлајн обложување по угостителски објекти и се запленува огнено оружје.
Вакво слично сценарио може да се повтори и во Македонија, бидејќи кога државата ќе ги забрани или драстично ќе ги ограничи игрите на среќа, играњето не престанува. Тоа само се сели во темните подруми и на небезбедни канали. Кога ќе се затворат легалните објекти кои работат според строги правила, играчите и малолетниците завршуваат во сивата зона која е под контрола на криминалното подземје.
Сметката за ваквиот закон нема да ја платат политичарите, туку повеќе од 10.000 работници кои ќе останат на улица додека постои опасност капиталот, наместо во буџетот, да завршува во нелегални играчници и во строго контролирани монополи. Ова не е закон за заштита на општеството, туку класичен пример за прераспределба на моќта и пазарот преку институционална сила.


