Палау ја забрани употребата на креми за сончање со воведување такса од 100 долари по нејзина употреба

„Држава со 21.000 жители распоредени на 500 острови ја забрани кремата за сончање и на секој турист му наплаќа 100 американски долари. Архипелагот со нешто повеќе од 500 острови во западниот дел на Тихи Океан, во регионот Микронезија, има усвоено низа политики за заштита на морската средина какви што ретко која држава во светот ги спроведува во толкава мера.

Државата во 2009 година стана првата земја во светот која воспостави национално засолниште за морски ајкули, со што го забрани комерцијалниот риболов на овие видови во своите води. Години подоцна беше основано Националното морско засолниште на Палау, со кое околу 80 проценти од ексклузивната економска зона на државата е под заштита, со забрана за комерцијален риболов, рударење и експлоатација на морските ресурси.

По 2015, државата воведе и други мерки како „Палау плеџ“ – документ што посетителите мора да потпишат при влез во земјата, внесен во нивните пасоши. Освен забраната за употреба на кремите, забранета е и нивна продажба. Властите во Палау нагласуваат дека ваквите мерки не се само симболични, туку претставуваат директна мерка за менување на однесувањето на туристите, туристичките компании, рибарите и други.

Според политиката на Владата на Палау, економијата на државата е директно зависна од здравјето на коралните гребени, морските ајкули, медузите, плажите и целокупниот морски биодиверзитет. Доколку овие екосистеми бидат деградирани или уништени, последиците би се одразиле не само врз туризмот и локалниот риболов, туку и врз поширокиот економски и општествен идентитет на државата.

Оваа забрана беше воведена по објавување на извештајот на Фондацијата за истражување на коралните гребени од 2017 година, во кој биле откриени високи концентрации на оксибензон и други хемиски соединенија од креми за сончање во водите на Езерото на медузи, едно од најпознатите природни места во Палау, под заштита на УНЕСКО.

Резултатите од научното истражување покажале дека состојки од креми за сончање навлегле не само во водата, туку и во ткивата на медузите, при што укажало на голем степен на загадување. Особено внимание во научните анализи е посветено на оксибензонот, една од најчестите состојки во конвенционалните креми за сончање, кој е поврзан со негативни ефекти врз коралните гребени. Истражувањата укажуваат дека ова соединение може да предизвика оштетување на ДНК, нарушување на растот на коралните полипи и зголемување на ризикот од избелување на коралите. Проблемот, според научните согледувања, е особено изразен во подрачја со интензивен туристички сообраќај, каде што голем број посетители истовремено внесуваат хемиски супстанции во морската средина. Дури и мали количини, со тек на време можат да доведат до значително натрупување во лагуни и заливи со ограничена циркулација на водата.

Според податоците од истражувањето, секоја година меѓу 6.000 и 14.000 тони креми за сончање завршуваат во океаните, што дополнително го нагласува глобалниот проблем.За навремена превенција, во 2018 година Палау донесе закон со кој се забранува производство и увоз на креми за сончање што содржат состојки штетни за коралните гребени, а од 1 јануари 2020 година државата стана прва во светот која целосно ја забрани продажбата на такви производи. Со донесување на овие мерки, Палау се смета за една од најстрогите држави во светот кога станува збор за заштита на морската средина. 

МИА

Најчитани вести