Оваа недела ќе го почувствуваме првиот топлински бран годинава со повеќедневни температури над 30 степени, а на места и до 35 Целзиусови степени.
До неодамна температурите на воздухот беа прилично ниски за средината на мај. Утринските температури во внатрешноста беа дури блиску до нулата, а многумина деновиве барем накратко го вклучија греењето во своите домови.
Сега утринските, односно најниските дневни температури, ќе бидат толкави колку што пред десетина дена беа највисоките дневни. За кратко време, по свежите денови, настапуваат топли денови, кои на места, на пример, во долината на Неретва, би можеле да бидат многу топли. Според прогнозите на метеоролозите на „Н1“, Хрватска ја очекува предизвикувачка недела со високи температури и со повремени поројни дождови.
Светот оди кон точка на вриење
На глобално ниво, пак, драматично звучи најавата на Светската метеоролошка организација (СМО), според која набргу се очекува развој на климатскиот феномен Ел Нињо, со можност за многу посилна форма како т.н. супер Ел Нињо.
Метеоролозите и климатолозите во светот предвидуваат дека оваа и в година температурите ќе бидат глобално рекордни и дека би можеле да посведочиме на временски појави какви што уште не се видени во модерната историја.
Атмосферскиот физичар Бранко Грисогоно, професор на геофизичкиот отсек при Природно-математичкиот факултет во Загреб, зборувајќи минатото лето за рекордните температури во летото 2024 година и најавувајќи сличен тренд за оваа и следните години, изјави дека „одиме кон точка на вриење“.
„Ла Ниња беше слаба, Ел Нињо ќе биде посилен од вообичаено“
Тој го тврди истото и сега зборувајќи за најавениот феномен супер Ел Нињо.
„Тоа е засилен Ел Нињо, кој се додава на глобалното затоплување од антропогено потекло. Еден ефект се додава на друг. Тоа значи дека ние луѓето и понатаму произведуваме сè повеќе гасови со ефект на стаклена градина, соборуваме рекорди, а самиот Ел Нињо некогаш е посилен, а некогаш послаб. Се очекува овој што треба да дојде во втората половина од оваа година да биде посилен од вообичаено“.
Грисогоно напоменува дека Ел Нињо е појава која се повторува, но не е строго периодична. Топлата фаза Ел Нињо се менува на приближно секои две до седум години со својата спротивна ладна фаза Ла Ниња. Тој глобален климатски циклус зависи од промените на температурите на океаните и на атмосферскиот притисок во екваторијалниот дел на Тихиот Океан.
„Ла Ниња, која ја имавме, сега беше слаба и затоа минатата година не беше најтоплата досега“.
„Дождовите сè повеќе имаат разурнувачки карактер“
Оваа година, во оваа смисла, би требало да биде поинаква, можеби и најтопла досега.
„Ќе има нови рекорди. Во сè потопла клима настануваат сè повеќе екстреми. Европа сигурно ќе ’пробива‘ над 40 степени во бранови од неколку дена. Но, тоа не нè спасува ниту од олујни невремиња и поплави. Сушата кај нас веќе трае. Некои подрачја, како Загорје, добија доволно дожд, но Славонија доби премалку.“
А и обилните дождови кои доаѓаат со летните олујни невремиња главно носат штета.
„Нема многу корист од таквите дождови. Тие повеќе имаат разурнувачки карактер, создаваат лизгање на земјиштето и тој дожд брзо истекува, па не е баш употреблив во земјоделството“, вели Грисогоно.
Температурата неминовно расте
Накратко, заклучува Грисогоно, имаме глобално позитивен тренд на температурата.
„Позитивен во смисла дека таа неминовно расте поради човечкото дејствување. А на тоа потоа е додадена низа од интерни климатски варијации, во прв ред ENSO (El Niño Southern Oscillation) со Ел Нињо и Ла Ниња. Па на тоа се надоврзуваат арктичката осцилација, пацифичката декадна осцилација и цела низа квазипериодични појави, еден вид мешање на сè, но со непрестајно качување на температурата“.
Н1 Хрватска
МИА


