Шеќерот може трајно да го оштети памтењето – покажуваат најновите научни истражувања

Исхраната богата со шеќер може сериозно да му наштети на помнењето, а таа штета можеби, не може целосно да се поправи дури ни по преминување на здрави навики, покажаа новите истражувања спроведени врз глодари. Според студијата објавена во „Нутришнал неуросајенс“ (Nutritional Neuroscience), иако намалувањето на внесот на шеќер може да доведе до подобрување на меморијата, таа сепак недостигнува ниво какво што имаат лицата кои постојано се хранеле здраво.

Научниците анализирале резултати од 27 претклинички студии спроведени врз глувци, со цел да утврдат колку се трајни ефектите од нездравата исхрана врз мозокот, однесувањето и помнењето. Истражувањето било фокусирано на тоа како преминот од исхрана богата со масти и шеќер кон поздрава храна влијае врз когнитивните способности, особено врз меморијата.Според биопсихологот и авторка на студијата Симон Рен, врз основа на добиените резултати, преминување на здрава храна навистина му помага на помнењето.

– Но, тие подобрувања не беа целосни. Дури и по повеќе недели на здрава исхрана, помнењето не се врати на нивото забележано кај животните кои никогаш не консумирале нездрава храна, изјавила Рен.

Анализата покажала дека глодарите, по преминувањето на поздрава исхрана, постигнувале подобри резултати на тестовите за меморија во споредба со оние кои продолжиле со нездравите навики. Сепак, другите показатели за мозочната функција, не покажале подобрување, што укажува дека ефектите главно се однесуваат на помнењето.

– Појасно подобрување на меморијата забележавме кога исхраната богата со масти беше заменета со здрава.Но, исхраната со висок удел на додаден шеќер, вклучително и онаа богата и со масти и со шеќер, покажа многу малку знаци на подобрување. Тоа укажува дека шеќерот би можел да биде клучен фактор што го ограничува закрепнувањето на помнењето, објаснила Рен.

На Рен се надоврзува и биопсихологот Мајк Кендиг, објаснувајќи дека истражувањата на глодари се од суштинско значење за утврдување на влијанието на исхраната врз меморијата.

– Кај луѓето промените во исхраната најчесто се случуваат истовремено со промените во физичката активност, расположението и секојдневните навики, што го отежнува издвојувањето на ефектите од самата исхрана врз функцијата на мозокот, рекол Кендиг.

Според експертите, главна улога игра и хипокампусот – дел од мозокот кој има значајна улога во учењето и помнењето, но и во регулирањето на апетитот. Претходни истражувања спроведени врз луѓе веќе ја поврзале исхраната богата со масти и шеќери со послаба функција на хипокампусот, а новата анализа дополнително ги потврдува тие сознанија.

– Нашите наоди укажуваат дека промената на исхраната првенствено го подобрува просторното помнење зависно од хипокампусот, што дополнително потврдува дека овој дел од мозокот е особено чувствителен на промени во исхраната, објаснуваат истражувачите.

Научниците нагласуваат дека пораката од истражувањето не е луѓето да очајуваат поради претходната консумација на шеќер, туку навреме да ја препознаат важноста од намалување на неговиот внес.

– Постои верување дека последиците од нездравата исхрана лесно можат да се поништат. Овие резултати покажуваат дека, барем кога станува збор за помнењето, ситуацијата можеби е посложена, особено кај исхраната богата со додаден шеќер, заклучил Кендиг.

МИА

Најнови вести

Најново од Магазин

Најчитани вести