Слатко од јагоди – традиционален рецепт

Слаткото од јагоди е еден од најомилените домашни деликатеси, кој го носи вкусот на пролетта затворен во тегла. Со својот богат сируп и сочни, цели плодови, ова слатко е неизоставен дел од традиционалното послужување – кога на гостите им се нуди лажичка слатко и чаша ладна вода, како знак на гостопримство.

Состојки:

  • 1 кг јагоди
  • 1 кг шеќер
  • вода (колку да ги покрие јагодите)
  • 1 лимон

Подготовка:

Јагодите измијте ги темелно и исчистете ги од дршките. Ставете ги во подлабок сад и прелијте ги со вода, колку целосно да бидат покриени. Додадете го сокот од еден лимон и оставете ги да отстојат точно 3 часа. По истекот на времето, исцедете ги јагодите од водата.

Во тенџере редете слој шеќер, па слој јагоди, додека ги потрошите состојките. Ставете да се вари на умерено јака температура околу 30 минути. За време на варењето, редовно отстранувајте ја пената што се создава на површината. Тргнете го тенџерето од оган, покријте го со влажна крпа и оставете да отстои преку ноќ.

Следниот ден повторно ставете го слаткото на оган да проврие, бидејќи сирупот ќе стане поредок. Варете уште 10 минути. Додека е сè уште топло, сипете го слаткото во претходно стерилизирани тегли и затворете ги добро.
 
Слаткото од јагоди најчесто се служи на традиционален начин – по една лажичка слатко во чинивче, придружено со чаша ладна вода. Овој обичај сè уште се практикува во многу домови и претставува симбол на топло добредојде.

МИА

Најчитани вести