До раните утрински часови во Атина и други грчки градови се славеше европската титула на Олимпијакос

Во текот на целата ноќ, се до раните утрински часови во атинското предградие Пиреас, но и во другите грчки градови се славеше четвртата европска титула на Олимпијакос, јави дописничката на МИА од Атина.

Навивачите на Олимпијакос, традиционално се собраа пред општинскиот театар во Пиреас, каде што беше поставена и сцена, ги пречекаа и поздравија играчите и заедно ја славеа победата над Реал Мадрид во Евролигата, прослава што заврши по 5 часот утрово.

Населбата на грчкиот тим беше обоена во црвено, во боите на Олимпијакос, а екипата стигна со отворен автобус, со пехарот што по 13 години се врати во Пиреас, по финале што се одигра во Атина, во салата на вечниот ривал Панатинаикос што не успеа да обезбеди место во Фајналфорот.

Со огномет, пиротехника и песната „Ние сме шампиони“, кошаркарите беа топло пречекани и поздравени од илјадниците навивачи што неколку часа трпеливо ги чекаа и славеа.

– Олимпијакос значи да е 5 часот наутро, а ти сè уште да си тука и да навиваш со сета сила на душата. Тоа е Олимпијакос, им порача на навивачите капитенот на Олимпијакос Костас Папаниколау.

Честитки до Олимпијакос за четвртата европска титула, веднаш по завршувањето на натпреварот упатија грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, претседателот на земјата Константинос Тасулас, како и лидерите на сите политички партии, но и министрите од Владата.

Мицотакис на Икс напиша дека „врвот на Евролигата се обои во црвено-бела боја“, му честиташе на Олимпијакос за големиот успех и упати пофалба до сите оние што придонесоа „за одличната организација на Фајналфорот во Грција“.

Тасулас порача дека напорната работа, посветеноста и вербата во целта уште еднаш ја искачија грчката кошарка, но и грчкиот спорт, на врвот на Европа, правејќи ги горди сите Грци и Гркинки.

Во финалниот натпревар од Евролигата Олимпијакос со 92:85 го совлада Реал Мадрид и стигна до четвртата титула, по пауза од 13 години, откако во финалето во 2013 година во Лондон ја освои и последната титула европски првак.

Атина оваа година беше домаќин на Фајналфорот, а вчерашното финале се одржа под силни безбедносни мерки, кусо пред натпреварот, грчката полиција при контролите за влез во салата, уапси 12 лица и приведе 110 навивачи, кои се обиделе да влезат во салата без билет.

МИА

Најчитани вести