Политички договор, економска катастрофа: 10.000 работници на удар од новиот закон

На 10 јуни Собранието ќе расправа за Предлог-законот за игри на среќа, закон кој според проценките може да предизвика една од најголемите загуби на работни места во последните години. На удар се повеќе од 10.000 вработени во легалната индустрија. Тоа значи дека повеќе од 10.000 македонски граѓани ризикуваат да останат без својата работа и без основниот извор на приходи за своите семејства доколку предложените законски измени бидат усвоени во сегашната форма.

Особено погодена ќе биде Источна Македонија, а најтешки последици ќе претрпат општините каде што оваа индустрија претставува значаен извор на вработување. Штип, Кочани, Виница, Делчево, Берово, Пробиштип и Струмица се меѓу градовите каде што последиците од евентуалното затворање на легалните објекти најсилно ќе се почувствуваат.

Оттука, сѐ погласно се поставува прашањето дали цената на политичките договори во Владата ќе ја плаќаат обичните граѓани?

Дополнителна контроверза предизвикува фактот што Владата на ВМРО-ДПМНЕ пред две години го блокираше овој закон додека беше во опозиција, а денес го турка по секоја цена. Според критичарите на законското решение, причината не лежи во суштинска промена на ставовите, туку во потребата да се исполнат предизборните барања на албанските партии во власта, пред сѐ на коалицијата ВЛЕН предводена од Изет Меџити, која со години ограничувањето на игрите на среќа го претставуваше како едно од своите клучни политички ветувања.

За овие партии, прашањето за игрите на среќа беше јасна и гласна предизборна заложба. Денес, со отворањето на собраниската процедура, сѐ повеќе се наметнува впечатокот дека Владата ја реализира токму таа агенда, без притоа да понуди одговор што ќе се случи со повеќе од 10.000 вработени и нивните семејства. Прашањето што се поставува е дали цената на коалициските договори ќе ја плаќаат македонските работници и нивните семејства. Наместо нови инвестиции и отворање работни места, овие региони може да се соочат со дополнително иселување и продлабочување на економската несигурност.

Останува и нејасно како државата планира да се справи со последиците од евентуалното затворање на легалната индустрија и дали постои конкретен план за заштита на работниците кои ќе останат без работа. Наместо одговори, јавноста добива политички пораки, додека илјадници семејства стравуваат за својата иднина.

На 10 јуни пратениците нема да гласаат само за закон. Тие ќе одлучуваат дали заради исполнување на политички агенди и коалициски договори ќе бидат доведени во прашање повеќе од 10.000 работни места и егзистенцијата на над 10. 000 македонски семејства.

Најнови вести

Најново од Македонија

Најчитани вести