Бугарскиот премиер Румен Радев изјави дека постојат два можни пристапа за забрзување на членството на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, но дека Софија се залага за процес заснован на реални заслуги и спроведени реформи.
Одговарајќи на новинарско прашање пред Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, Радев рече дека едниот пат подразбира компромис со критериумите за членство, додека другиот се темели на вистински достигнувања и придонес, пренесува БТА.
– Постои можност да направиме компромис со суштинските критериуми за членство, но тогаш ќе внесеме нови проблеми во Унијата. Ние го предлагаме другиот пат – членство врз основа на реални заслуги и придонес. Бугарија може многу да помогне со своето искуство и да им даде поддршка на институциите на овие држави за побрзо да напредуваат кон ЕУ, но процесот мора да биде одржлив и неповратен – изјави Радев.
Тој нагласи дека проширувањето подразбира длабоки реформи во правосудството, владеењето на правото, заштитата на човековите права и развојот на добрососедските односи.
– Нашата позиција е дека не треба да пренесуваме наследени политички и историски проблеми во Европската Унија и ќе продолжиме цврсто да ја браниме таа позиција – рече бугарскиот премиер.
Радев го поздрави напредокот што го постигнала Црна Гора и позитивно ги оцени напорите на Албанија на патот кон членство во ЕУ.
– Им посакуваме и на другите држави да вложуваат исти напори за да постигнат слични резултати – додаде тој.
Според него, Бугарија отсекогаш била меѓу главните поддржувачи на процесот на проширување на Европската Унија кон Западен Балкан.
– Веруваме дека тоа е инвестиција во нашата безбедност и придонесува за проширување на заедничкиот европски простор на стабилност и просперитет – изјави Радев.
Тој предупреди дека актуелните геополитички околности не смеат да бидат причина за релативизирање на Копенхашките критериуми.
– Не можеме да си дозволиме компромис со критериумите за членство поради сложената геополитичка ситуација. Ако овие проблеми ги потиснеме сега со брзи и вештачки решенија, тие повторно ќе се појават во европското семејство по неколку години. Тоа нема да го дозволиме – нагласи Радев.
Самитот ЕУ – Западен Балкан денеска се одржува во Тиват под мотото „Заеднички просперитет и стабилност на Европската Унија и Западен Балкан“, со учество на лидерите на ЕУ и земјите од регионот.
Исто така, Радев изјави дека е крајно време да се искористи дипломатијата како најмоќен инструмент за решавање на конфликтот во Украина, бидејќи досегашните воени и економски мерки на Европа само го зголемуваат глобалниот ризик.
Пред почетокот на Самитот ЕУ – Западен Балкан, Радев во изјава за медиумите потенцираше дека Европа се обидува да постигне конвенционална победа над најголемата нуклеарна сила во светот, иако нема соодветни капацитети да се спротивстави на нивното хиперсонично оружје. – На тој начин само го зголемуваме нуклеарниот ризик. Затоа ќе го поддржиме секој дипломатски напор што води кон постигнување мир – истакна бугарскиот премиер.
МИА


