Кошта по средбата со Вучиќ во Белград: Сега е време за решителни акции

 Вратите на Европската Унија остануваат отворени за Србија, но сега е време за решителни акции, изјави денеска во Белград претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.

Тој нагласи дека Белград има три задачи – негување на добрососедските односи и регионалната соработка, усогласување со политиките и вредностите на ЕУ и целосно спроведување на реформите.

Кошта додаде дека сега повеќе од кога било, проширувањето повеќе не е само можност, туку геостратешка неопходност за ЕУ.

Во околностите на тензиите меѓу Србија и Црна Гора, Кошта ја истакна регионалната соработка како важен услов за проширување на ЕУ.

По средбата со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, тој во своето обраќање до медиумите изјави дека инвестиција во мирот, стабилноста и безбедноста на нашиот континент е во корист на граѓаните на Европа и Србија.

– Сепак, проширувањето се темели на градење доверба. Патот е тежок, но патот е јасен. Треба да се фокусираме на три главни приоритети. Прво, негување на добрососедските односи и регионалната соработка. Тие се клучни за безбедноста и економскиот просперитет. Дијалогот меѓу Белград и Приштина и спроведувањето на Охридскиот договор се клучни во овој поглед. Потоа, усогласувањето со политиките на ЕУ, особено надворешната и безбедносната политика. Постојат три реформи. Ве охрабруваме да го реформирате владеењето на правото, вклучувајќи ги препораките на Венецијанската комисија, потоа слободата на медиумите, како и реформирањето на изборната рамка, односно спроведувањето на препораките на ОДИХР пред следните избори – нагласи тој.

Заедно со слободата на медиумите, тој го спомена и воспоставувањето на РЕМ.

Кошта изрази сочувство за смртта на војник на српската армија во Либан.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека со Кошта имале отворена размена на идеи и планови за иднината и истакна дека ова е исклучително важно за Србија, која е на европскиот пат.

„Многу сум благодарен на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за оваа посета, за отворената размена на идеи и планови за иднината. Разговаравме долго и синоќа и утрово, а за нас тоа е исклучително важно како земја што е на европскиот пат и што споделува не само политички и вредносни позиции со Европа, туку и, би рекол, она што е најзначајно за нашите луѓе е економијата што нè поврзува“, рече Вучиќ.

Тој истакна дека вкупната трговија со стоки и услуги меѓу Србија и Европската унија изнесува 58 милијарди евра.
Претседателот на Србија потврди дека денеска ќе отпатува во Црна Гора на самитот ЕУ-Западен Балкан, нагласувајќи дека е важно да оди и да ја претставува Србија, и покрај предупредувањето на Безбедносната и информатичка агенција (БИА) дека не треба да оди и дека неговиот живот е во опасност. 

МИА

Најнови вести

Најново од Балкан

Најчитани вести