Луксузните хотели во Дубаи, симбол на скап туризам, приватни плажи и „инфинити“ базени, се соочуваат со неочекуван пресврт. Поради падот на странските туристи по воената криза во регионот, дел од хотелите почнаа да нудат големи попусти за локалните жители и резидентите во Обединетите Арапски Емирати, со цени што во некои случаи се и до четири пати пониски од вообичаените.
На Палм Џумеира, една од најпознатите луксузни локации во Дубаи, хотелите со пет ѕвезди повторно бележат поголема раздвиженост за време на викендите и празниците. Но, овојпат главните гости не се странски туристи, туку луѓе што живеат во Емиратите. За многумина од нив, хотелскиот луксуз што досега бил недостапен сега станал можност за краток викенд-престој.
Ова е голем пресврт за град што во 2025 година беше меѓу најсилните туристички дестинации во регионот. Според податоците на Одделот за економија и туризам на Дубаи, градот минатата година примил 19,59 милиони меѓународни посетители, со просечна хотелска пополнетост од 80,7 проценти. Хотелската понуда броела 827 објекти, меѓу кои 173 хотели со пет ѕвезди.
Во дел од хотелите падот на побарувачката веќе се чувствува и кај вработените. Според извештајот, некои објекти ја искористиле слабата сезона за реновирање, други намалиле плати или испратиле дел од персоналот на неплатен одмор. Најпогодени се хотелите во деловните зони, каде што зависноста од странски и бизнис-гости е поголема.
извор: Racin.mk


