Зголемен е бројот на пациенти во Ургенетен центар Куманово кои бараат помош за справување со тегоби предизвикани од стомачни вируси. Лекарите велат дека честите температурни промени придонесуваат за појава на гастроинтестинални инфекции, а најпогодени се децата и лицата со намален имунитет. Во Ургентниот центар во Куманово, изминатава недела е регистриран значителен пораст на пациенти кои се јавуваат со симптоми како гадење, повраќање, дијареја, грчеви во стомакот и покачена телесна температура. Според лекарите, освен температурните осцилации, на зголемениот број случаи влијае и нарушувањето на квалитетот на храната поради високите температури.
– Со промена на температурата сè повеќе доаѓаат пациенти со гастро-тегоби, односно со гадење, повраќање и температури. Исто така, таа промена на температурата влијае на квалитетот на храната. Имаме зголемен број на пациенти со овие тегоби, некаде за околу 30 отсто во однос на минатата недела, но гледаме што поуспешно да се справиме со нив. Пациентите кај кои е потребен понатамошен третман ги испраќаме на инфективното одделение-изјави Дарко Каранфиловски, лекар во Ургентниот центар Куманово.
Лекарите додаваат дека кај дел од пациентите може да дојде до компликации, особено до дехидратација, поради што препорачуваат навремено јавување кај матичен лекар и избегнување на самолекување.
– Пациентите најпрво да се обратат кај матичен лекар, да се воспостави соодветна хидратација и терапија со антиеметици и пробиотици, а доколку состојбата напредува, да се обратат во болничка установа, додава д-р Каранфиловски.
Стручните велат дека превенцијата е клучна во спречувањето на ширењето на стомачните вируси. Тие препорачуваат редовно и темелно миење на рацете, особено по престој во градинки, училишта и јавен превоз, како и внимателно чување и консумирање на храната во летниот период. Стомачните вируси се присутни во текот на целата година, но нивната појава е поизразена во пролетните и летните месеци.
МИА


