Битолските пожарникари апелираат да не се палат стрништа и сува трева во Пелагонија

Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Битола апелира да не се палат стрништа, сува трева, отпад и други растителни остатоци на отворен простор во Пелагонија.

Од ТППЕ Битола посочуваат дека палењето на стрништата и сувата вегетација многу лесно може да прерасне во неконтролиран пожар, особено во услови на високи температури и ветер. Ваквите пожари претставуваат сериозна опасност за шумите, земјоделските површини, домовите и човечките животи, истакна Христијан Тодоровски, командир на ТППЕ Битола.

-Предизвикувањето пожар е казниво согласно законските прописи. Доколку забележат пожар, граѓаните веднаш треба да пријават на телефонските броеви 193-Територијална противпожарна единица или 112-Центар за управување со кризи. Во овој период е важно да бидеме одговорни и заедно да ја заштитиме природата и безбедноста на нашата заедница, посочи Тодоровски.

Екипите на Територијалната противпожарна единица во случај на пожар дејствуваат на територијата на општините Битола, Могила и Новаци.  

-Нашата ТППЕ располага се 8 теренски возила за шумски пожари и слободно можам да кажам дека ние сме најопремена единица во цела држава со возила за шумски пожари. Но, потребно е да се зголеми бројот на човечки ресурси бидејќи во моментов имаме 32 пожарникари професионалци, а според законот на располагање треба да имаме 62 пожарникари, потврди Тодоровски.

Според статистичките податоци на ТППЕ Битола, минатата година регистрирале 573 интервенции, од нив 274 интервенции на отворен простор. До овој момент, бројот на интервенции е значително помал и затоа од ТППЕ Битола аплираат на внимателност и соработка.

МИА

Најчитани вести