Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека во последното деноноќие има вкупно седум пријави за семејно насилство, додека две лица се лишени од слобода.
Утринава во 03:10 часот во СВР Скопје, 36-годишна жена пријавила дека на 09.06.2026 околу 23:00 часот на подрачјето на Кисела Вода била физички нападната од нејзиниот сопруг Т.Ц.(45) со кого биле во бракоразводна постапка.
Завчреа во 20:04 часот во СВР Скопје, 42-годишен маж пријавил дека на 08.06.2026 на подрачјето на општина Аеродром неговата поранешна сопруга Е.А. физички ги нападнала нивните две малолетни лица и него, при што употребила и тврд предмет.
Вчера во 15:00 часот во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Б.И.(36) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека физички ја нападнал неговата 35-годишна поранешна партнерка.
На 9 јуни во 22:00 часот во СВР Штип, 57-годишна жена од Штип пријавила дека нејзиниот поранешен партнер А.М.(48) од демиркаписко село ѝ се јавил телефонски и ѝ упатил закани нејзе и на нејзиното семејство. За настанот е запознаен јавен обвинител и претставник на Центарот за социјални работи Штип.
Во СВР Тетово завчера во 17:00 часот е пријавено дека околу 14:15 часот на улица „Маршал Тито“ во Тетово, жена го тепала своето дете, на возраст од околу три-четири години. Според пријавеното, откако случајни минувачи реагирале и застанале да го заштитат детето, мајката го оставила детето на улицата и заминала со количка во која имало друго малолетно дете. Известен е јавен обвинител и Центарот за социјални работи Тетово, а детето по укажување на лекарска помош е предадено на Центарот за социјални работи Тетово.
На 9 јуни во 17:00 часот во СВР Тетово, 38-годишна жена од Република Албанија, со привремен престој во Тетово, пријавила дека нејзиниот сопруг Ј.М.(48) од гостиварско, со кого се во бракоразводна постапка, со месеци не го почитувал решението од Центарот за социјални работи Тетово за сретнување со децата, постојано доаѓал пред нејзиниот стан, упатувал закани преку телефонски пораки, ја омаловажувал и во континуитет ја демнел.
Полициски службеници од СВР Велес завчера во 21:15 часот го лишиле од слобода Б.С.(45) од Велес, постапувајќи по претходна пријава од неговата 18-годишна ќерка дека во семејниот дом физички ја нападнал. Исто така, и од Центарот за социјални работи Велес било пријавено дека изминатите неколу денови, Б.С. физички ја нападнал и неговата малолетната ќерка, при што употребил и дрвен предмет. Според пријавеното, тој подолг период ги малтретирал и физички напаѓал неговите ќерки. Тој бил задржан во полициска станица и бил известен јавен обвинител.
Од МВР посочуваат дека се преземаат мерки за расчистување на случаите и најавуваат дека по нивно целосно документирање против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави.
МИА


