Алиу: Коцкањето е зависност – превенцијата е најефективна за заштита на младите

Коцкањето претставува сериозен здравствен ризик, а најефективната терапија за зависноста е превенцијата, порача министерот за здравство Азир Алиу во видео-обраќање, давајќи поддршка за Предлог-законот за игри на среќа и забавни игри, кој веќе помина во прво читање во Собранието.

Алиу истакна дека коцкањето не смее да се третира како забава кога преминува во зависност што има последици врз поединецот и семејството.

– Не може да зборуваме за коцкањето дека е забава, кога истото станува навика и зависност. Кога влегува во семејството како долг, стрес, вознемирување и кога подмолно се вгнездува во животот на младите уште пред да созреат. Како министер за здравство, имам обврска да кажам дека зависноста е здравствен ризик, а најефективната терапија за неа е превенцијата – порача Алиу.

Тој апелираше за поддршка на законските решенија што имаат за цел да го ограничат влијанието на коцкањето врз младите.

– Затоа ја поддржувам секоја законска мерка што ќе ги тргне кладилниците и коцкарниците подалеку од училиштата и што ќе го намали рекламниот притисок врз младите. Ова е битка за менталното здравје, за семејствата и за иднината на децата. Вреди да поставиме граници – истакна министерот.

Предлог-законот за игри на среќа и забавни игри има за цел да воведе построги правила за функционирање на оваа дејност, со фокус на заштита на младите и намалување на ризиците од зависност.

МИА