Мицкоски ги повика турските инвеститори да бидат дел од развојната приказна на Македонија

Премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска со владина делегација е во работна посета на Турција, на Бизнис форум во Истанбул ги повика турските инвеститори да бидат дел од развојната приказна на Македонија.

Македонија и Турција негуваат традиционално пријателски односи изградени врз доверба, почит и силни врски меѓу народите, а токму тие односи претставуваат цврста основа за продлабочување на економската соработка и нови инвестиции, истакна Мицкоски во обраќањето на форумот.

Тој посочи дека Македонија денес се позиционира како стабилна и конкурентна бизнис дестинација, со стратешка географска положба, поволна инвестициска клима, модерни индустриски зони и пристап до регионалните и европските пазари.

Турските компании преку инвестирање во Македонија добиваат можност да станат дел од европските синџири на снабдување и да го прошират своето присуство на пошироки пазари. Нагласив дека нашата цел е да градиме долгорочни партнерства кои ќе создаваат нови работни места, поголем економски раст и заеднички успех. Ги поканив турските инвеститори да бидат дел од развојната приказна на Македонија, држава која има јасна визија за иднината, отворена врата за нови инвестиции и силна определба за економски развој – напиша Мицкоски во објавата.

МИА