Позитивните сигнали за можен мировен договор меѓу САД и Иран предизвикаа силна реакција на светските пазари, при што цените на нафтата се спуштија на најниско ниво во последните два месеци.
Според „Ројтерс“, инвеститорите ги намалија стравувањата од натамошна ескалација на конфликтот на Блискиот Исток и можни прекини во снабдувањето со енергенси, откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека договор со Техеран би можел да биде постигнат уште викендов.
„Овојпат ситуацијата изгледа поконкретна од она што го гледавме досега. Доколку од Иран пристигнат позитивни сигнали за мировен договор, очекувањата на пазарите брзо ќе се променат“, изјави Реј Атрил, раководител на одделот за валутна стратегија во Националната банка на Австралија.
Веста веднаш се одрази врз енергетските пазари. Фјучерсите на американската сурова нафта WTI паднаа за 1,9 проценти и се тргуваа по 86,08 долари за барел, додека нафтата Брент поевтини за 1,5 проценти и достигна цена од 89,08 долари за барел.
Оптимизмот се прелеа и на берзите. Јапонскиот индекс Никеи 225 порасна за 4,3 проценти, австралиските рударски компании забележаа раст од 1,8 проценти, а јужнокорејскиот КОСПИ скокна за 8,3 проценти. На Волстрит, трите главни индекси ги остварија најголемите дневни добивки од примирјето договорено во април.
Падот на цените на енергенсите влијаеше и врз очекувањата за идните потези на Федералните резерви на САД, па инвеститорите ги намалија прогнозите за ново зголемување на каматните стапки.
Аналитичарите оценуваат дека во наредните денови вниманието ќе биде насочено кон мировните разговори меѓу Вашингтон и Техеран, бидејќи нивниот исход може значително да влијае врз движењето на енергетските и финансиските пазари ширум светот.
извор:Libertas.mk


