Жените живеат подолго од мажите (па и кога разликата е минимална), насекаде во светот. Не само во развиените земји, не само во мирно време, не само во периоди на благосостојба. И при војни, што се подразбира, но и при глад, епидемии… Во затворени религиозни заедници каде што и мажите и жените имаат речиси идентичен начин на живот. Или, како што се вели во студијата објавена во „Proceedings of the National Academy of Sciences“: „Можеби нема поцврст образец во човечката биологија од оваа разлика“.
Имено, жените ги надживуваат мажите просечно за четири до седум години. Во некои земји е поголема разликата, во некои помала, ама изгледа дека никаде не е нула. Ова е забележано во текот на повеќе од еден век анализирање на оваа „појава“ и е присутна во секоја земја за која постојат доволно статистички податоци.
Според нашиот Државен завод за статистика, македонските жени ги надживуваат своите машки партнери за 4,4 до пет години. Односно, Македонките живеат во просек 77,6 години, а Македонците 73, 2 години. Светскиот просек е 4,9 години во полза на жените; Европската Унија е 5,3 години; Монако со 4, 0 (инаку, со најдолг животен век за двата пола); Јапонија 6,0; Латинска Америка 6,2; Субсахарска Африка 3,7; САД 4, 9 години.
Деталниот преглед на литературата од 2010 до 2024 година, објавен во медицинскиот журнал „Auctores“ (август, 2025-та), со анализа на глобални извештаи за смртност на СЗО и ОН, покажал дека кардиоваскуларните смртни случаи кај мажите се за 1,7 пати повисоки, мажите имаат 22 отсто покуси теломери (специјализирани ДНК секвенци на краевите на хромозомите, а нивната должина е клучен фактор за стареењето на клетките) , а изложеноста на ризично однесување е два до четири пати повисока кај мажите.

Значи, прво хормоните т.е. хромозомите. Жените имаат два Х хромозома, а мажите X и Y. Тоа велат е суштинска биолошка предност. Ако жената има дефект на еден ген на едниот Х хромозом, вториот Х хромозом често може да го компензира. Мажите го немаат тој резервен „план“. Ако нешто тргне наопаку на единствениот Х хромозом, нема помош. Ова е изгледа причината зошто голем број генетски болести ги „напаѓаат“ речиси секогаш само мажите. Покрај ова, женските клетки имаат повеќе механизми за поправка на ДНК грешките.
Другата причина се чини дека е естрогенот (примарниот женски полов хормон), кој не е само хормон на репродукцијата. „Позитивните ефекти на естрогенот врз различни клеточни процеси (производство на реактивни кислородни видови, антиоксидантна одбрана, кардиоваскуларна заштита, имунолошка компетентност и одржување на теломерите), се добро познати и делумно го објаснуваат подолгиот животен век на жените”, се вели во едно истражување објавено во списанието „Frontiers in Aging Neuroscience“ (декември, 2017 година).
Конкретно, овој хормон ги штити артериите од натрупувањето на наслаги, го намалува воспалението и ги одржува крвните садови флексибилни. Ова е причина зошто жените пред менопаузата имаат значително помал ризик од срцеви заболувања во споредба со мажите на иста возраст.
За веќе споменатите пак, теломери, интересно е што и мажите и жените при раѓањето ги имаат со иста должина. Меѓутоа, нешто се случува по раѓањето кое предизвикува нивна разлика во текот на животот. „Некои експериментални студии сугерираат дека изложеноста на естроген ја зголемува активноста на теломеразата, ензимот кој може да ги заштити и продолжи теломерите”, вели д-р Елиса Епел од Универзитетот во Сан Франциско. Таа исто така предупредува дека „тие можат да се скратат предвремено поради стрес и хроничен или детски психолошки стрес.” Всушност, мажите имаат 22 отсто покуси теломери во просек, а тоа е поврзано со поголем ризик од кардиоваскуларни заболувања, рак и побрзо стареење на организмот (“Healio”, декември, 2018-та).

Важна причина за „подолготрајноста“ на жените е и нивниот имунолошки систем. Тие произведуваат посилни имуни одговори на инфекции и вакцини. Ова е причина зошто женските бебиња преживуваат тешки услови подобро од машките. Студија објавена во НИХ (американски центар за биотехнолошки информации, во јануари, 2018 година), која анализирала популации на робови и оние изложени на глад и епидемии, открила дека „дури и кога смртноста е многу висока, жените живееле подолго во просек од мажите. Поголемиот дел од женската предност е поради разликите во смртноста кај доенчињата: женските биле способни да преживеат тешки околности, подобро од машките.”
Еден од „недостатоците“ на мажите по ова прашање е тестостеронот. Тој им дава предност во однос на мускулна маса и физичка сила, но истовремено, тој е поврзан со поголемо воспаление, побрзо скратување на теломерите и поголем ризик од кардиоваскуларни заболувања. По малку „шокантно“ делува податокот што експертите го забележале дека кастрираните мажи, живеат значително подолго од некастрираните. Ова, според нив е еден од најсилните докази дека тестостеронот игра значителна улога во пократкиот машки животен век.
Меѓународен тим предводен од научници на Институтот Макс Планк за еволуциска антропологија во Лајпциг, минатата година спровел голема анализа на разликите во животниот век меѓу половите кај цицачите и птиците, притоа анализирајќи 1.176 видови. Наодите велат дека кај цицачите, женките живеат просечно 13 проценти подолго од мажјаците. Кај птиците пак, ситуацијата е обратна, мажјаците живеат приближно пет отсто, подолго.
„Во видовите каде конкуренцијата за партнери е интензивна, мажјаците имаат тенденција да умираат помлади”, заклучуваат истражувачите. „Кај птиците, кај кои мажјаците честопати се рамноправни или поактивни во грижата за потомците, разликата во животниот век се намалува, па дури и станува обратна.“ Освен ова, овие аналитичари забележале дека во зоолошки градини, кадешто надворешните притисоци (предатори, паразити, климатски услови), се во голем дел отстранети, разликите во животниот век меѓу половите сепак останале. Тоа само ја потврдило тезата дека причините се длабоко биолошки, а не само еколошки.
Меѓутоа, во „прилог“ на женската физичка егзистенција, оди и тоа што мажите пушат повеќе, пијат повеќе алкохол, земаат повеќе наркотици, возат побрзо, работат на поопасни работни места, одат поретко на лекар и не бараат често помош кога не се чувствуваат добро (односно, потешко се „отвораат“ интимно, не разговараат за своите чувства т.е. „глумат сила“ и после се зачудени како тоа се во болничка постела). Тоа значи дека со овие „навики“, ризикот за предвремена смрт е за два до четири пати повисок кај мажите. Статистиката вели и дека смртноста поради самоубиство е три до четири пати повисока кај мажите во повеќето земји. Сепак, дури и кога се контролираат овие фактори на однесување, жените живеат подолго. Ова укажува дека природата на полот не може да се замени само со промена на однесувањето.
И покрај се претходно наведеното, науката се соочува со еден парадокс, што го нарекува „male–female health–survival paradox.” (Жените живеат подолго, но не секогаш и поздраво.) Што ќе рече, жените пријавуваат повеќе хронични болести (прашајте било кој матичен лекар и ќе ви каже дека жените им се 70 проценти од пациентите), повеќе депресија и анксиозност и поголема употреба на здравствени услуги во текот на животот. Мажите, пак, умираат побрзо, но во помала мера пријавуваат хронична болест пред смртта. Илимити, „подолг живот” не е секогаш синоним за „подобар живот.”
А еден од најинтересните и сè уште неразјаснети аспекти е дека жените живеат значително подолго од мажите дури и по менопаузата, кога нивото на естроген драстично паѓа (студија објавена пред две години на „Frontiers in Aging Neuroscience“.) Ако естрогенот е толку важен, се прашува во текстот, зошто неговото отсуство не ги изедначува шансите? Научниците претпоставуваат дека заштитните ефекти на естрогенот остануваат „врежани” во клетките уште долго откако хормонот ќе се намали. Или можно е дека постојат и други, сè уште неидентификувани механизми.
На крајот, ниеден од овие фактори сам по себе не е целосен одговор. Дали постојат медицински интервенции што би можеле да го затворат овој биолошки јаз, дали жените навистина живеат подолго или само подолго преживуваат… Или што би рекол еден наш лекар: „Мажите умираат побрзо, но жените умираат подолго“.
МИА


