Поранешниот кипарски претседател Никос Анастасиадис и уште 14 други лица се вклучени во извештајот на Независната управа за борба против корупција на Кипар за можни корупциски кривични дела по спроведената истрага за информациите објавени во книгата „Држава мафија“ на кипарскиот новинар Макариос Друсиотис, јави дописничката на МИА од Атина.
Книгата беше објавена во август 2022 година, а неколку месеци подоцна започнала и истрагата на Управата, што траела речиси три и пол години, а денеска беше објавен извештајот.
Според извештајот, поранешниот претседател на Кипар е опфатен со вкупно седум случаи: три се однесуваат на тргување со влијание, три на злоупотреба на службена положба како прекршок или обид за извршување кривично дело и еден за злоупотреба на службена положба како кривично дело.
За слични дела опфатени се поранешниот помошник генерален обвинител, поранешен министер за земјоделство, поранешен пратеник, поранешен претседател на окружен суд, партнери во адвокатската канцеларија, „Никос Анастасиадис“, уште една адвокатска канцеларија, како и руски бизнисмен.
Како што пишуваат кипарските медиуми, случајот се поврзува со периодот додека Анастасиадис беше на власт и се однесува на функционирањето на клучни институции, спроведувањето на правдата, програмата за доделување државјанства на странски инвеститори, банкарскиот систем, како и управувањето со предмети поврзани со влијателни економски актери од странство, меѓу кои руските олигарси.
Според истите информации, истражителите утврдиле доволни индиции за можни кривични дела врз основа на доказите собрани во текот на истрагата, но според извештајот, овие наоди не претставуваат кривични обвиненија, пресуди или утврдување на вина.
Од Независната управа во извештајот на неколку пати споменуваат дека „и покрај интензивните тврдења што постојат во книгата за корупција, сите постапки на истражителите биле спроведени со целосно почитување на презумпцијата на невиност“, но и дека завршниот извештај од речиси 3.000 страници, нема да биде објавен во јавноста.
МИА


