Европскиот парламент го потврди трговскиот договор меѓу САД и ЕУ

Европскиот парламент денеска одобри два законодавни предлози со кои се потврдува трговскиот договор меѓу Европската Унија и САД, откако во него беа додадени безбедносни клаузули.

Американскиот претседател Доналд Трамп и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во август 2025 година на голф теренот Трнбери договорија царински договор за ублажување на трговските тензии.

Двете страни тогаш се договорија за горна граница на царините од 15 отсто за поголемиот дел од увозот од ЕУ, вклучувајќи ги автомобилите и автоделовите, а ЕУ за возврат се обврза да ги укине царините за американските индустриски стоки и да го олесни пристапот до пазарот за американските земјоделски производи како свинско месо и млечни производи.

Европскиот парламент во меѓувреме побара во конечниот договор да се воведат механизми кои ќе ја заштитат Унијата во случај на натамошни закани или ескалации од другата страна на Атлантикот, како што е онаа што ѝ дозволува да ги поништи своите обврски доколку Трамп се закани со нови царини.

Со предлогот на главната регулатива, усвоен со 440 гласа „за“, 151 „против“ и 50 „воздржани“, се укинуваат царините за сите индустриски производи од САД и се обезбедува повластен пристап до пазарот за широк спектар на прехранбени и земјоделски американски производи, соопшти ЕП.

Како дел од договорот е и клаузулата која ѝ овозможува на ЕУ суспензија на повластиците доколку САД до 31 декември 2026 година продолжат да применуваат царинска стапка повисока од 15 отсто за производите добиени од челик и алуминиум. Вашингтон во август минатата година додаде 407 категории на списокот на производи од челик и алуминиум, на кои се применуваат повисоки царини.

Парламентот и Советот постигнаа договор и за заштитниот механизам доколку новите американски царински повластици доведат до зголемување на увозот до ниво кое сериозно му штети на стопанството на ЕУ.

Комисијата врз основа на таа одлука ќе може да покрене истрага, а на секои три месеци ќе мора да ги известува Парламентот и Советот на Европската Унија за трендовите на пазарот.

Бернд Ланге, германски социјалист, претседател на комисијата на ЕП за трговија и преговарач за договорот, рече дека со него се постигнати „значително поробусни заштитни мерки отколку што беше првично предвидено“.

– Со преточување на обврските на ЕУ од заедничката изјава во законодавна рамка, оваа регулатива станува дел од одбранбениот алат на ЕУ: таа не само што ги зајакнува и стабилизира трговските односи меѓу ЕУ и САД, туку ѝ дава на ЕУ и можност за одговор доколку САД не го исполнат својот дел од договорот – нагласи тој.

Претходно во мај, Трамп постави рок до 4 јули за спроведување на трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, предупредувајќи дека царините ќе пораснат на „значително повисоки нивоа“ доколку рокот не биде испочитуван.

МИА

Најнови вести

Најново од Свет

Најчитани вести