Почина Самара од култниот хорор „Прстен“

Дaвej Чејс, можеби најпозната по улогата на морничавата Самара во американската верзија на култната хорор-приказна „Прстен (The Ring)“ од 2002 година – почина на 35-годишна возраст.

Тажната вест ја потврди нејзиното момче, Рој Хернандез. Станува збор за компликации од менингитис, што, по сепса, довело до оштетување на повеќе нејзини органи. Претходниве неколку недели, таа била згрижена и поради сериозна неухранетост.

Чејс е позната и по позајмувањето глас на Лило во „Лило и Стич“, за што во 2003. доби две филмски награди („Ени” и „Најдобар млад уметник“), како дете-глумица, покрај „Ем-ти-ви“-наградата за најдобар негативец (Самара, „Прстен“). Зад себе има уште 50-тина други филмски, видеоиграчки и ТВ-улоги. Последнa улога во филм ѝ е онаа во трилерот „Американска романса“ од 2016 година.

Последните години таа се држеше подалеку од очите на јавноста, поради разни правни проблеми, откако возеше украден автомобил и донесе предозиран маж во болница, каде што тој подоцна почина, пишува „Синексепсион (Cinexcepción)“.

За американските медиуми, Хернандез рече дека Чејс се соочила со значителни лични тешкотии во нејзиниот живот по напуштањето на глумата, вклучувајќи го системското малтретирање, болното отуѓување од семејството и континуираната станбена нестабилност во Лос Анџелес. 

МИА

Најчитани вести