Поројни дождови и бури погодија осум окрузи во Романија, поплавени улици во Крајова и Сибиу

Поројни дождови и бури погодија осум окрузи во Романија и предизвикаа штети на многу места, објави романскиот Оддел за вонредни ситуации.

Во Крајова и Сибиу, улиците се поплавени. Десетици возачи беа заглавени во своите автомобили откако нивото на водата надмина половина метар. Во округот Арад, силни налети на ветер ги однесоа покривите на неколку куќи.

„Пожарникарите интервенираа во 21 населба во осум окрузи во последните 24 часа. Последици од обилните дождови и бури се регистрирани во 21 населба во осум окрузи – Карас Северин, Ковасна, Долј, Хунедоара, Олт, Сибиу, Салаш и Тимиш“, рече цитираниот извор.

Романскиот Оддел за вонредни ситуации предупредува дека нестабилното време ќе продолжи и денеска.

Жолто предупредување за опасни ситуации е на сила за Банат, Олтенија, Западна и Северна Мунтенија, објави Националната метеоролошка служба. Можни се бури, град и налети на ветер од 50 до 70 км/ч.

И додека едната половина од Романија се бори со последиците од поплавите, другата е во канџите на топлотен бран. Жолто предупредување за многу топло време е на сила денес за Кришана, Марамуреш, Северен Банат, Северна и Централна Трансилванија, Јужна Молдавија и Источна Мунтенија. Се очекува температурите да се движат меѓу 30 и 33 степени. Во овие региони, индексот на температура и влажност ќе достигне критичен праг од 80 единици. 

МИА

Најнови вести

Најново од Свет

Најчитани вести