Со доаѓањето на потоплите денови и летните вечери, доаѓа добро познат проблем што го расипува уживањето на отворено – комарците. Пред да посегнете по спрејовите, природата нуди естетски попријатно, миризливо и целосно природно решение. Имено, одредени растенија, со своите интензивни мириси и есенцијални масла, дејствуваат како природни средства против комарци. Ако пак, тие „стратешки“ се распоредат на и околу терасата, ќе создадете невидлива бариера што овие досадни инсекти ќе ја заобиколат во поширок опсег, пишува „Кликс“.
Лаванда
Покрај тоа што изгледа убаво и внесува мирис и допир на Средоземјето во Вашиот дом, лавандата е и „заколнат“ непријател на комарците. Всушност, иако нејзиниот мирис е прилично опуштачки за луѓето, комарците не можат органски да го поднесат, бидејќи тоа го блокира нивното деликатно чувство за мирис.
Цитронела / Лимонова трева
Ова е веројатно најпознатата природна состојка во комерцијалните свеќи против комарци и други инсекти. Затоа се препорачува и како живо украсно растение? Лимоновата трева содржи масло од цитронела, коешто има силен, свеж мирис на цитрус што успешно ги дезориентира и одбива комарците. Расте добро во саксии на сончеви места.
Босилек
Ова растение не е само неопходен зачин во летни салати и јадења со тестенини – се препорачува како моќно оружје против инсекти. Силниот мирис што го испуштаат неговите лисја ги одбива комарците и мувите. Се советува да го поставите во близина на вратата од балконот.
Нане
Освен што ги држи штетниците подалеку, нането може да го користите и во облик на есенцијално масло за ладење на кожата. Одгледувајте нане во посебна саксија бидејќи е инвазивно и лесно може „да ги задуши“ другите растенија.
Рузмарин
Оваа издржлива повеќегодишна билка сака Сонце и суша, коешто ја прави идеална за на балкон. Неговиот дрвенест мирис е одлично средство против комарци.
Само седењето покрај растение понекогаш не е доволно, велат познавачите, бидејќи тие билки испуштаат најмногу мирис кога нивните лисја се поместуваат или се тријат. Затоа, од време на време, нежно поминете ја раката низ лаванда, рузмарин или босилек за да ослободите есенцијални масла во воздухот.
МИА


