Нездрав воздух во Мостар поради пожарот на депонија, се закануваат зарази и блокади

За жителите на Мостар проблем не се само нездравите честички и чадот од депонијата за отпад, туку и стотиците тони смет чие транспортирање до депонијата е блокирано од дел од локалните жители и од политички активисти. Поради ова постои опасност од појава на зарази во градот, кој изминатите денови е изложен на температури и до 40 Целзиусови степени, јави Хина.

Пожарот што избувна во понеделникот на градската депонија во населбата Врапчиќи, двапати повторно се активираше, поради што градот веќе четири дена е под чад и загаден воздух.

Според американскиот сервис за мерење на квалитетот на воздухот „IQAir“, жителите претпладнето биле изложени на умерен ризик на отворено. Концентрацијата на ситни штетни честички е четири пати повисока од нивото што го препорачува Светската здравствена организација.

Пожарот е ставен под контрола, но чадот и натаму се издига од депонијата.

На локацијата се наоѓаат неколку жители и политички активисти кои се противат на депонирањето отпад на оваа локација, па дури и на нејзиното користење како претоварна станица, од каде што отпадот би се транспортирал до депонии во други градови.

Според медиумските извештаи, полицијата ќе испрати дополнителни сили на терен за да овозможи спроведување на одлуката на Кризниот штаб на цивилната заштита на Град Мостар, кој наложи отстранување на сметот од градските улици.

Градоначалникот на Мостар, Марио Кордиќ, денеска ги повика граѓаните да ги прекинат блокадите, предупредувајќи на сериозноста на состојбата.

– Апелирам до жителите на северниот дел од градот кои го блокираат пристапот до претоварната платформа да престанат со тоа, бидејќи им нанесуваат голема штета и на себе и на сите нас и создаваат сериозен проблем – изјави Кордиќ.

Тој додаде дека градот се наоѓа во вонредни околности и дека мора да се почитуваат одлуките на надлежните институции.

– Секој што блокира или не ги почитува наредбите на Штабот за цивилна заштита на Град Мостар не прави прекршок, туку кривично дело, што може да резултира со затворска казна или со сериозни финансиски санкции – рече градоначалникот.

Кордиќ додаде дека во тек се напори за решавање и на проблемот со одвозот на отпадот од градот. Тој појасни дека во Мостар секојдневно се создаваат околу 120 тони отпад.

– Во моментов во градот има околу 500 тони отпад што мора некаде да се транспортираат – додаде тој.

Додека на терен се води борба со пожарот и со блокадите, повеќемесечниот чад, загадениот воздух и стотиците тони отпад создаваат исклучително негативна слика за Мостар во време кога градот бележи одлична туристичка сезона и голем број посетители.

МИА

Најнови вести

Најново од Свет

Најчитани вести