Високите температури можат кај одредени лица да доведат до влошување на постојните здравствени состојби, предупредуваат лекарите. На граѓаните им се препорачува да внесуваат доволно течности, да престојуваат во разладени простории, да избегнуваат директно изложување на сонце и да обрнат внимание на состојбата на своите роднини, соседи и други ранливи лица во нивната околина, советуваат тие.Според надлежните, се препорачува малите деца и домашните миленици да не се оставаат без надзор во возилата бидејќи температурата во автомобилите може многу брзо да достигне опасно високо ниво.
„За време на топлотните бранови, лицата со одредени здравствени проблеми може да забележат влошување на симптомите, а лекарите издвојуваат четири состојби кои претставуваат особено висок ризик, напиша Индекс (Index.hr).
Меѓу најзагрозените за време на горештините се лицата со срцеви заболувања. Според физиологот Мајкл Крафорд, високите температури имаат големо влијание врз работата на срцето и кардиоваскуларниот систем.
– Кардиоваскуларниот систем мора да вложи дополнителен напор за да се ослободи од топлината и да го разлади телото, изјавил Крафорд. Ваквата состојба доведува до забрзана работа на срцето и многу потење, што може да предизвика пад на крвниот притисок, објаснил тој.Според него, колку подолго остануваме на високи температури, толку е поголемо оптоварувањето на срцето.
– Топлото време може да предизвика и тахикардија која во одредени случаи може да биде опасна, предупредуваат експертите.
Според урологот д-р Араш Ахавеин од болницата Сидарс синај (Cedars-Sinai), луѓето се изложени на поголем ризик од развој на камења во бубрезите за време на горештините. Дехидратацијата, предупредил Ахавеин, во топли и суви услови овозможува создавање камења во бубрезите. Тој објаснил дека со зголеменото потење организмот губи повеќе течности, поради што урината станува поконцентрирана.
– Колку повеќе се потите и губите течности, толку урината станува поконцентрирана. Кога урината е премногу концентрирана, минералите полесно кристализираат и формираат камења, посочил тој.
Во оваа ризик група спаѓаат и лицата кои страдаат од гихт, (една форма на артритис). Тие исто така треба да бидат особено внимателни во текот на летните месеци. Направените истражувања покажуваат дека топлото и влажно време може да го зголеми ризикот од појава на напади на гихт, дури и кај луѓе кои престојуваат во климатизирани простории.
Од организацијата за едукација за гихт (Од Gout Education Society), објаснуваат дека повисоките температури предизвикуваат поинтензивно потење, што може да доведе до дехидратација.Според нив, недостигот на течности во организмот може да го зголеми нивото на уринарна киселина, што дополнително го поттикнува развојот на напади на гихт.
Промените на атмосферскиот притисок и температурите можат лошо да влијаат и на лицата кој страдаат од мигрена, предизвикувајќи им големи главоболки. Според Фондацијата за мигрена, една третина од пациентите ја наведуваат дехидратацијата како еден од главните предизвикувачи на мигренозни напади. Кај овие лица силната сончева светлина, исто така, може да поттикне појава на главоболки преку активирање на нервните патишта чувствителни на светлина кои се поврзани со мигрената.
„И стресот предизвикан од високите температури може да има значајно влијание. Тогаш се зголемува нивото на кортизол, што е уште еден познат предизвикувач на мигрена“, напоменуваат од здравствената организација ВМЦ хелт (WMC Health).
МИА


