Лидерите на земјите членки на НАТО ќе се соберат утре и во среда во турската престолнина Анкара на состанок на врвот, на кој европските членки би требало да го преземат главниот товар за одбраната на сопствениот континент.
„Ги удвојуваме нашите напори со цел да го направиме НАТО она што отсекогаш требаше да биде: балансиран сојуз со Европа на чело за сопствената одбрана – НАТО 3.0“, изјави американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет, во Брисел на неодамна одржаниот состанок на министрите за одбрана на земјите членки.
Соединетите Американски Држави веќе почнаа со намалување на својот ангажман и воени капацитети во Европа, која треба да ја преземе конвенционалната одбрана, додека Вашингтон би продолжил да го обезбедува нуклеарниот чадор и стратешките разузнавачки податоци. Европа би требало да ја осигура конвенционалната, ненуклеарна моќ на копнените, воздушните и поморските сили во рамките на Алијансата, додека Соединетите Држави повеќе би се ангажирале во индо-пацифичкиот регион.
Лидерите ќе го разгледаат напредокот од минатогодишниот самит во Хаг и ќе го дефинираат планот за понатамошно остварување на клучните цели на НАТО.
„Претстојната задача е јасна: да ги претвориме обврските што ги презедоа сојузниците во конкретни резултати. Зголемените инвестиции, индустриското производство и континуираната поддршка за Украина – сето тоа придонесува за посилен НАТО и поголема безбедност за сите нас“, порача генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Под притисок на американскиот претседател Доналд Трамп, кој често го критикува НАТО и ги обвинува членките дека не трошат доволно за одбрана и дека премногу се потпираат на САД, сите членки освен Шпанија на самитот во Хаг се согласија да ги зголемат издвојувањата за одбрана на 5 отсто од БДП до 2035 година, од кои 3,5 отсто се однесуваат на чисто одбранбени трошоци, а преостанатите 1,5 отсто на трошоци поврзани со одбраната.
„Некои сојузници прават повеќе од другите, па имаме земји како Полска, скандинавските земји, балтичките држави и Германија кои предничат“, изјави американскиот амбасадор во НАТО, Мет Витакер.
„Но, имаме и некои кои заостануваат, било затоа што не трошат доволно или затоа што не се на веродостоен пат да ги исполнат обврските преземени во Хаг“, додаде Витакер.
Три земји кои годинава би можеле да паднат под претходната цел за издвојување на два отсто од БДП, Албанија, Чешка и Словенија, би можеле да се најдат под засилен притисок.
Американскиот претседател Доналд Трамп се налути на европските сојузници обвинувајќи ги за недостиг на поддршка за американската војна во Иран и се закани дека Соединетите Држави би можеле да ја преиспитаат својата безбедносна поддршка за земјите членки.
Последните недели Трамп се судри со неколку европски лидери, а последна во низата беше италијанската премиерка Џорџа Мелони, која долго време играше на картата дека може да биде посредник меѓу американскиот претседател и европските лидери.
Сепак, со еден од лидерите тој и понатаму има многу добри односи, а тоа е турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Минатата недела Трамп изјави дека можеби немаше ни да оди на самитот доколку тој не се организираше од страна на Ердоган во Турција.
За да го смири, генералниот секретар Марк Руте при неодамнешниот состанок во Белата куќа ги презентираше податоците според кои Европјаните и Канада минатата година ја зголемиле одбранбената потрошувачка за речиси 20 отсто, и дека за минатата и за оваа година се предвидени дополнителни инвестиции од околу 140 милијарди долари.
Лидерите на НАТО во Анкара ќе усвојат завршна декларација, официјален документ што се усвојува на крајот од секој самит на шефови на држави и влади и во кој се дефинираат клучните стратешки приоритети и насоки на Алијансата. На декларацијата веќе со недели работат амбасадорите на земјите членки.
Според она што досега протече во јавноста, сојузниците ќе ја потврдат „непоколебливата посветеност“ на колективната одбрана од членот 5 од Северноатлантскиот договор. Исто така, ќе најават помош за Украина од 70 милијарди евра за оваа година и исто толку за следната, односно вкупно 140 милијарди. Но, тоа не е целосно нова сума; таа вклучува 60 милијарди евра заем кои Европската Унија ги обезбеди за Украина за оваа и за следната година, како и билатералната помош која некои членки на Сојузот веќе ја внесоа во своите буџети, а остатокот до предвидениот износ ќе биде од нови средства.
Финансиската помош за Украина ќе ја обезбедат Канада и европските сојузници, додека Соединетите Држави, по враќањето на Трамп во Белата куќа, одлучија дека повеќе нема да ја финансираат воената помош за украинските сили.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој ќе присуствува во Анкара, изјави дека очекува во завршната декларација да се најде и помош за противвоздушна и противракетна одбрана за неговата земја.
Во завршната декларација би требало да се најде и дел кој вели дека Русија претставува долгорочна закана за евроатлантската безбедност и стабилност, како и дека Иран никогаш не смее да поседува нуклеарно оружје. Лидерите ќе го повикаат Техеран да ја почитува слободата на пловидба во Ормуската Теснина.
Според програмата на собирот во Анкара, за лидерите на земјите членки и нивните сопружници во вторник навечер ќе биде приреден прием и вечера, на кои се поканети и украинскиот претседател Володимир Зеленски, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен и јужнокорејскиот претседател Ли Џе-мјунг. Паралелно со тоа, министрите за надворешни работи и министрите за одбрана одделно ќе се соберат на работна вечера.
Во среда претпладне се состанува Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на држави или влади. Предвидено е состанокот да трае само три часа. Според изјавите на некои дипломати, самитот е скратен за на Трамп да не му стане досадно.
На маргините на самитот, утре се одржува форум на одбранбената индустрија на НАТО, на кој учествуваат високи политички и воени функционери од 32-те држави членки на НАТО, партнерските земји, како и претставници на компании од глобалната одбранбена индустрија. Се очекува потпишување на повеќе договори со одбранбената индустрија, кои би можеле да достигнат вредност од повеќе милијарди евра.
Самитот се одржува во раскошната турска претседателска палата, голем комплекс кој се простира на повеќе од 200 илјади квадратни метри, со повеќе од 1.100 соби, чија изградба чинеше над 500 милиони евра. Опозицијата на Ердоган ја смета таа палата за симбол на расипништвото на неговата автократска власт. Интересно е што палатата е изградена бесправно, без важечка градежна дозвола. Турскиот врховен управен суд во 2015 година пресуди дека градбата на палатата била противправна бидејќи е изградена на заштитено шумско подрачје.
МИА


