Пораст на враќањата на мигранти и пад на нелегалните пристигнувања во Грција во првата половина од годинава

Зголемување за 20 отсто на принудните и доброволните враќања на мигранти и намалување на нелегалните пристигнувања по морски пат, за 27 проценти биле регистрирани во Грција во првата половина од 2026 година, според извори од Министерството за миграција и азил, јави дописничката на МИА од Атина.

Во споредба со истиот период лани, принудните депортации се зголемиле од 915 на 1.292, односно за 41 отсто, доброволните враќања преку Меѓународната организација за миграции од 740 на 870, што е околу 18 проценти, додека доброволните заминувања изнесуваат 468 наспроти 488 во 2025 година.

Според истите податоци, нелегалните пристигнувања по морски пат бележат намалување од 27 отсто, односно од 16.985 на 12.496 во споредба со првата половина од 2025 година.

Во однос на националноста на нелегалните мигранти, пристигнувањата на државјани од Египет се намалени за 72 проценти, а враќањата на Египќани од Грција во нивната земја се зголемиле од 59 на 227.

Кај државјаните од Пакистан, новите пристигнувања речиси се изедначиле со враќањата-180 наспроти 169, што според конкретните извори се должи на засилената соработка со земјите на потекло и построгата примена на политиката за враќања.

Изворите од Министерството за миграција и азил на Грција коментираат дека особено позитивни резултати се регистрирани и по воведувањето на политиката „затвор или враќање“, со оглед на тоа што од февруари до денес, 599 нелегални мигранти избрале доброволно враќање во своите матични земји за да избегнат издржување затворска казна.

МИА

Најчитани вести