Во Франција 61 департман во портокалово ниво на предупредување поради горештини

Француската метеоролошка служба соопшти дека 61 департман во земјата денеска е ставен во портокалово ниво на предупредување поради високите температури, со очекувања топлотниот бран да продолжи до крајот на неделава.

Метеоролошките служби најавија температури меѓу 35 и 38 степени Целзиусови низ поголемиот дел од земјата, додека на југозападот на Франција тие би можеле да достигнат и 41 степен.

Пожарот во департманот Источни Пиринеи што зафати површина од 4.900 хектари, се уште не е ставен под контрола, соопшти префектот на департманот, Пјер Ренјо де ла Мот.

„Периметарот на пожарот изнесува 40 километри. Пожарникарите цела ноќ продолжија со тешката борба против огнената стихија“, изјави тој.

Министерот за внатрешни работи на Франција, Лоран Нунез, потврди дека пожарот не е локализиран, но додаде дека на повеќе места е „стабилизиран“.

Во гаснењето на пожарот и натаму се ангажирани околу 800 пожарникари, а се очекува дополнителна помош од воздушните сили. 

МИА

Најчитани вести