Полицијата во Анкара блокира и приведе демонстранти што протестираа против НАТО

Турската полиција утринава приведе дел од учесниците на демонстрациите против НАТО во централниот дел на Анкара откога тие ги прекршија строгите безбедносни мерки и целосната забрана за протести за време на самитот на алијансата – јавија локалните медиуми.

На видеоснимка на опозицискиот весник „Џумхуриет“ (Cumhuriyet), објавена на Х, се гледа како полициски службеници им ставаат лисици на демонстрантите и ги влечат кон полициски автобус во близина на паркот „Куртулуш“ во Анкара, кој се наоѓа на седум километри од местото каде што се одржува самитот.

„НАТО, надвор, оваа земја е наша“, скандираа некои од демонстрантите на турски јазик.

Како што пренесе ДПА, малата група, во која имало и опозициски пратеници, се обидела да маршира носејќи транспаренти. Полицијата го блокирала маршот пред да приведе дел од демонстрантите, се гледа на снимката.

Во изјава за новинарите во Анкара пратениците од Работничката партија на Турција (ТИП – TİP) и Работничката партија (ЕМЕП – EMEP) побараа ослободување на сите што учествуваа во протестите против НАТО.

Последните приведувања следуваат по стотиците приведени во Турција во периодот пред почетокот на самитот на НАТО, кој се одржува денеска и утре. Меѓу нив има новинари, академици и членови на левичарски групи.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, пред самитот ја нагласи важноста на правото на протест откога беше соочен со прашање од новинар во врска со рестриктивните мерки на Турција.

Улиците околу местото на одржувањето на самитот, претседателската палата на Турција, денеска се опколени и затворени за сообраќај, со засилено полициско присуство во областа.

Во главниот град се спроведени строги безбедносни мерки, кои вклучуваат повеќе од 56.000 припадници на безбедносните сили, јавија државниот сервис ТРТ и локалните медиуми.

Безбедноста беше засилена и на патиштата кон и од аеродромот „Есенбога“ во Анкара. Полицијата вршеше проверки на возилата на главните рути по кои се движеа делегациите, јави приватната новинска агенција „Демирорен“.

Според информациите на официјалната веб-страница, до вечерва на аеродромот не се предвидени комерцијални летови.

Распоредените полициски единици во главниот град вклучуваат тимови за борба против тероризмот, разузнавачки служби, единици за брзо распоредување и специјални операции. Поставени се контролни пунктови на кои се претресуваат возила, а на возачите и патниците им се врши проверка на идентитетот, јавија телевизијата „Халк ТВ“ и други локални медиуми.

Властите соопштија дека инспекциите и контролите на патиштата ќе продолжат во текот на целиот самит, а безбедносните сили го одржуваат проширениот безбедносен периметар околу локациите на НАТО.

МИА

Најчитани вести