Калас и Кос: Геноцидот во Сребреница е една од најмрачните епизоди во историјата на Европа

Во заедничкото соопштение на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас и еврокомесарката за проширување Март Кос, по повод 11 јули Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница се наведува дека геноцидот во Сребреница е една од најмрачните епизоди во историјата на Европа.

– Во Европа нема место за негирање на геноцид, ревизионизам или величање на осудените воени злосторници, се наведува во заедничката изјава.

Калас и Кос упатија апел до лидерите на Босна и Херцеговина и регионот да го поддржат дијалогот и процесот на пронаоѓање и идентификација на жртвите. Тие истакнаа дека жртвите се поддржуваат со историска вистина, чување на сеќавањето на нив и со обезбедување на лекција од Сребреница за идните генерации.

– Утре Европа оддава почит на споменот на повеќе од 8.300 бошњачки мажи и момчиња кои беа убиени во геноцидот во Сребреница пред 31 година. Нашите мисли се со семејствата на жртвите на геноцидот. Ја споделуваме тагата на оние кои страдаат поради неизвесноста на нивните најблиски, кои исчезнаа и стоиме со преживеаните чии животи беа нарушени во јули 1995 година … Геноцидот во Сребреница нè потсетува на нашата обврска да градиме мирни општества, да ги заштитуваме човечките животи и достоинство и да ги браниме основните вредности врз кои се темели ЕУ, се истакнува во изјавата.

Генералното собрание на Обединети нации пред две години го прогласи 11 јули за Меѓународен ден на сеќавања на геноцидот во Сребреница. 

МИА

Најнови вести

Најново од Свет

Најчитани вести