Во најновиот извештај на Обединети нации се наведува дека најмалку еден милион жени и девојчиња немаат пристап до помош што спасува животи поради намалување на финансирањето од глобалните донатори.
Агенцијата на ОН за жени (UN Women) во извештајот наведува дека речиси 90 проценти од женските организации повеќе не можат да ги задоволат потребите на терен. А околу 120 милиони жени и девојчиња имаат потреба за хуманитарна помош и заштита.
Намалувањата создаваат критични празнини во хуманитарната покриеност, се истакнува во извештајот, бидејќи овие организации понекогаш се единствените што можат да стигнат до жените и девојките кои имаат потреба од помош.
Минатата година двојно е зголемен бројот на случаи на сексуално насилство поврзано со конфликтите во светот, а 62 проценти од организациите известуваат дека безбедните простори повеќе не се достапни или нивниот капацитет е намален поради намалување на средствата.
Намалувањата на финансирањето се дел од поширока реакција против правата на жените и родовата еднаквост, при што една петтина од организациите ја прекинале работата за унапредување на женското лидерство и родовата еднаквост, се посочува во извештајот на Агенцијата на ОН за жени.
Американскиот претседател Доналд Трамп драстично ги намали трошоците за странска помош, додека други големи меѓународни донатори, исто така, ги намалија буџетите поради фискални притисоци и зголемени трошоци за одбрана. САД претходно беа најголем донатор во светот.
МИА


