Додека Украина, Молдавија, Црна Гора и Албанија одат напред, Македонија останува надвор од европската мапа и надвор од европската агенда поради погрешните политики на Владата на ВМРО, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Филипче посочи дека најавениот „супер вторник“ на 14 јули е јасен доказ дека Европската Унија го држи проширувањето високо на својата агенда, но Македонија не е дел од тој процес.
„По најавата за така наречениот супер вторник, кој е следниот вторник, на 14 јули, ќе се одржат повеќе меѓувладини конференции за четири земји, очигледно идните земји-членки, а сега кандидати за членство во Европската Унија. Ќе се отворат кластери за преговори за Украина и за Молдавија, ќе се затворат повеќе поглавја, две односно три за Црна Гора и Албанија. Со конкретни чекори Европската Унија кажува дека проширувањето е високо на листата на приоритети во нивната агенда. Вчера и од Европската Унија стигна доказ дека ние не постоиме на европската агенда. Очигледно е дека, благодарение на премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, ние на тој пат повеќе не сме“, потенцираше Филипче.
Филипче предупреди дека државата останува на страна токму во момент кога поддршката за земјите-кандидати е најсилна.
„Наместо да се спроведуваат реформите, наместо да се чекори напред кон Европската Унија, сега, кога очигледно вратите се отворени како никогаш досега и кога никогаш досега земјите-кандидати немале поголема поддршка да станат земји-членки на Европската Унија, ние остануваме на страна. Остануваме под влијание на други земји кои немаат интерес регионот и Македонија да се интегрираат во Европа. Остануваме на страна од сите финансиски и економски текови кои, како поддршка, можат и доаѓаат од Европа за земјите што ги остваруваат реформите и се приклучуваат кон Европската Унија, како, на пример, Црна Гора, за која во следниот седумгодишен буџет на Европската Унија се предвидени над 3 милијарди евра неповратни средства“, рече Филипче.
Притоа, тој додаде дека политичката изолација за која виновник е Мицкоски, директно води кон економско назадување и ризик Македонија да остане последна во регионот.
„Политичката изолација носи економско упропастување на земјата. Со блокадата на европската иднина ризикуваме да останеме последни во регионот“, рече Филипче.
СДСМ Центар за комуникации со јавноста


