Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми очекува конечно да се најде инвеститор што ќе ја изгради хидроелектраната Чебрен на Црна Река во регионот на Мариово.
– Одлуката за започнување на постапката за објавување на тендерот за Чебрен е веќе донесена на Влада, а следната недела треба да биде објавена. Очекувам овој пат да има заинтересирани и да биде успешен тендерот зашто некои од условите се изменeти и на некој начин се баланс помеѓу потребите на државата и барањата на инвеститорите, изјави Адеми, одговарајќи на прашање пред почетокот на Форумот на чинители и засегнати страни во областа на обновливите извори на енергија што денеска се одржува во Стопанската комора на Македонија.
Тој посочи дека во новите услови не е предвидена изградба на хидроелектраната Галиште, но се остава можност подоцна да се гради доколку државата е заинтересирана.
– Со изградбата на ХЕЦ Чебрен нема да го решиме проблемот со производството на електрична енергија, но ќе ги ублажиме негативните ефекти за климатските промени и ќе ги исполниме условите за зголемување на процентот за искористување на обновливите извори на енергија, потенцира Адеми.


