АЕК ги информира граѓаните како да го користат намалениот роаминг

Веќе од вчера цените се намалени за трите сервиси кои ги користиме кога патуваме, за говор кога зборуваме на мобилен, за праќање кратки пораки и за користење интернет, посочи директорот на АЕК. Информации за регионалното намалување на цените за 73 проценти за минута разговор во роаминг и за 90 проценти на мегабајт интернет од Македонија кон Србија, БиХ и Црна Гора денеска на граничниот премин Табановце презентираат тимови на македонската Агенција за електронски комуникации (АЕК).

Директорот на АЕК Роберт Орданоски со своите соработници им укажува на граѓаните кои патуваат во соседните земји дека од вчера стапи во сила Спогодбата за пониски цени во роаминг меѓу четирите држави и подели флаери со условите и начинот за користење на роамингот.

Целта, според Орданоски, е граѓаните да се информираат за новите поволни цени, како и за начинот за избегнување високи сметки кои во минатото беа чести при патувања.

– Нашата иницијатива од пред неколку години во Европската комисија, а пред една година на ниво на Балканот, состанокот во август минатата година во Скопје, како и потпишаниот меѓудржавен договор во септември лани во Будва, резултираа со намалување на цените на роаминг, изјави Орданоски.

Една од главните задачи во работата на АЕК, посочи, е обезбедување квалитетни услуги за нашите корисници за користење електронски комуникации, која од вчера практично добива и нова смисла.

– Веќе од вчера цените се намалени за трите сервиси кои ги користиме кога патуваме, за говор кога зборуваме на мобилен, за праќање кратки пораки и за користење интернет, посочи директорот на АЕК, истакнувајќи дека се создадени услови да се надмине проблемот на граѓаните со високи сметки во роаминг при патување во овие соседни држави.

Тоа, нагласи, беше особено изразено по летните одмори кога бројот на приговори во АЕК беше голем. Агенцијата за електронски комуникации, појасни Орданоски, спроведе повеќе акции да ги превенира случаите и проблемите со приговори од граѓаните за високи телефонски сметки по враќање од странство.

Според договорот што стапи во сила вчера, за минута појдовен повик се наплаќа по 17,9 денари, а за дојдовен по пет денари. СМС-порака може да се испраќа а 5,6 денари, а мегабајт интернет чини 43,2 денари. Цените се без пресметан ДДВ, а ќе важат до 30 јуни следната година по што ќе следи ново намалување. Оттогаш минута разговор треба да се наплаќа за 14,8 денари, СМС-порака 4,92 денари, а мегабајт интернет 27,8 денари. Од 1 јули 2017, пак, минута разговор треба да чини 11,6 денари, цената на СМС-пораката да се намали на 3,7 денари, а на интернетот до 12,3 денари за мегабајт.

Спогодбата меѓу четирите држави е отворена. За приклучување кон неа, како што информира Орданоски, веќе се преговара со Албанија, Турција и Косово.

– Сакаме кон оваа иницијатива да приклучиме и повеќе други држави во регионот. Веќе сме во приговори и со Албанија, Косово и со Турција, држави што не се членки на ЕУ каде има европска регулатива која засега не дозволува потпишување билатерални договори со држави што не се членки на Унијата. АЕК има иницијатива уште од 2012 до Европската комисија за прифаќање на цените на европско ниво и се надеваме дека и таа иницијатива ќе резултира, изјави директорот на АЕК.

Преку флаерите што ги подели АЕК на граничниот премин кои се со главна порака „Без високи сметки во роаминг“, нуди практични совети и информации за заштита од непријатни изненадувања поради превисоки телефонски сметки по завршување на патувањето. Регулаторното тело им укажува да се информираат за цените и условите на нивниот оператор за користење роаминг пред да заминат на пат, како и за начинот на тарифирање на секоја од услугите. Секогаш пред да ја напуштат државата да го исклучат преносот на податоци на нивниот телефон и да го вклучуваат по потреба. Да настојуваат да користат повеќе ви-фи мрежи, а ако одлучат да користат интернет што се наплаќа да инсталираат апликација за мерење на трансферот на податоци за да знаат колку навистина потрошиле. АЕК укажува и дека цените за мобилни услуги во странство се разликуваат зависно од избраниот оператор и државата во која се наоѓа корисникот, и оти потрошениот интернет зависи и од содржините што се прегледуваат на телефонот.

Во насока на намалување на високите сметки што ги добиваа граѓаните за роаминг-услуги, АЕК воведе задолжителна обврска за операторите да ги информираат корисниците со порака ако надминат сметка од 3.000 денари со прашање дали сакаат да продолжат со сервисот, и ако направат сметка за интернет до 1.000 денари.

Најчитани вести