Наш предлог бизнис е – Подигнување овошен насад со круша на 1 ха површина. Во продолжение ги имате сите потребни информации со финансиска конструкција на почетна инвестиција, субвенции, ИПАРД, принос и заработка:
Независно дали се подигаат поголеми или помали овошни насади или пак се садат поединечни овошки, правилниот избор на времето, како и стручното изведување на садењето, во голема мера влијаат врз приемот на садниците, порастот и родноста на овошното растение.
Садниците од различните овошни видови може да се садат во текот на целиот период на мирување на вегетацијата, односно од опаѓање на листовите наесен сè до потерување на пупките во следната пролет. Во практиката се издвојуваат три периоди на садење на садниците: есенско, зимско и пролетно. Секој период на садење на садниците има свои предности и недостатоци.
ПОДГОТОВКА НА ПОЧВАТА
При подигањето на овошните насади во нашите климатски услови, кои се претежно аридни, треба да се почитува правилото „летна подготовка на површината, а есенско садење на садниците”. За почитување на ова правило треба да се обезбедат два услова, и тоа:

Во текот на летните месеци да се изврши длабока подготовка на површината. При летното подготвување почвата се изложува на сончевата радијација, при што се врши извесна дезинфекција и уништување на штетните микроорганизми, доаѓа до оксидација и преведување во достапна форма на многу минерални материи, се сушат и уништуваат ризомните плевели. Доколку се планира подигање на насади рано наесен, површината треба да биде подготвена што е можно порано, најдоцна до крајот на септември, за подигнатата почва да слегне и да биде изложена на атмосферските влијанија најмалку 1-2 месеци.
Доколку немате сопствена механизација, цената на услугата – риголовање изнесува 400 – 500 евра.
НАЈВАЖНО Е ДА СЕ КОРИСТАТ КВАЛИТЕТНИ САДНИЦИ
Се сади на растојание 4 х 2.5 м на генеративна подлога и 4 х 1.5 м на подлога дуња.
Саден материјал може да се набави од неколку расадници и тоа Овоштар -Аргулица, во Штип, Опитно поле Скопје, Агрокалем, Тимјаник Неготино…а цените се движат од 2 до 2,5 евра – произведени во Македонија или 3 – 5 евра увозни од Италија, Шпанија или Грција.

Наскоро ќе објавиме информација за фирма која ќе биде застапник на првокласни садници од круша, неколку различни сорти , нивната цена и начин на одгледување.
При набавка на садниците треба да се внимава на добар развој на кореновиот систем и надземниот дел како и на здравствената состојба.
При подигање на насад треба да се води сметка на реaкцијата на почвата (рН). На почви со висока рН треба да се избегнува подлога дуња.
За насади на подлога дуња потребна е шпалирна потпорна конструкција.

САДЕЊЕ
Во практиката, во расадниците многу често се случува форсирање на порастот на садниците во септември и октомври при што се оддолжува вегетацијата или, пак, се корнат садници сосе листови и со незадрвенети ткива. Ова особено се случува кај форсираното едногодишно производство на садниците.
Во никој случај не смеат да се вадат и употребуваат садници сосе листови и несозреани ткива бидејќи листовите брзо ги дехидрираат извадените садници, тие се без доволно резервни материи, не се подготвени за зимско мирување и секогаш даваат послаб прираст во наредната вегетација.
При раното есенско садење на садниците, направените рани при скратувањето на коренчињата брзо калусираат, така што во текот на есенскиот и зимскиот период почвата се прилепува кон корењата, започнуваат да растат нови апсорпциони коренчиња и напролет садницата навреме започнува да вегетира, истовремено со другите овошки. При раното есенско садење најдобро е садниците да се посадат до крајот на ноември и првата половина на декември, односно пред појавата на силните зимски мразеви.
Во овој период вообичаено влажноста и структурата на почвата е најпогодна за садење на садниците. Ако нема доволно влага во почвата, садењето не треба да се одложува, туку задолжително треба да се изврши полевање на садниците при садењето или веднаш потоа.
Есенското садење на садниците особено треба да се применува за коскестите овошни видови: праска, кајсија, слива, бадем, цреша, вишна, чиј коренов систем е многу осетлив на подолги манипулации, трапење, претрапување, транспорт и сл. За овие видови најдобро е преземањето на садниот материјал од расадниците да се врши во моментот на вадењето, со што се презема свеж материјал кој веднаш оди на садење или трапење близу до новиот насад.
БОЛЕСТИ И ШТЕТНИЦИ
Во насади од круша најопасна болест е бактериската пламеница (Erwinia amylovora ) Има квалитетни сорти кои се отпорни на оваа болест.

Од штетниците посебно треба да се обрне внимание на крушкина болва-псила. Борбата со други болести и штетници е рутинска работа.
Доколку се одлучите за органско производство на круша, тогаш на следниов линк имате совет за зимска заштита на крушата.

СИСТЕМ ЗА НАВОДНУВАЊЕ КАПКА ПО КАПКА
Инвестицијата во систем за наводнување е неопходност за ова производство. На пазарот има фирми кои нудат различни понуди, а цената зависно од конфигурација на терен и други предуслови, се движи околу 95 000 за еден хектар.
Доколку до површината има довод на вода инсталирањето на систем за наводнување капка по капка чини околу 1200 евра по хектар. Доколку треба да се копа бунар за вода трошоците се зголемуваат за ценат на ископот на бунарот.
Цената за копање на бунар изнесува 30-50 евра по метар длабочина.
Друга инвестиција е мелиоративно ѓубрење, арско ѓубре, минерално ѓубре кое се става со подготовката на почвата, овие трошоци изнесуваат околу 1000 евра по хектар
Предлог бизнисот во целост на АГРОТИМ.мк
]]>


