Бев изненаден кога ме поканија на Ол стар натпреварот. Играв супер тој месец и им благодарам на сите што гласаа за мене. Тренерот ми дава се повеќе минутажа и доверба и се обидувам да ја искористам максимално што можам секоја секунда на теренот, да играм несебично за тимот. Да играм одбрана, да ширам напад, да погодувам шутови, тоа е мојата работа тука и задоволен сум како се одвива сега за сега, вели Перо Антиќ, првиот македонски играч во НБА лигата, кој во својата прва сезона за тимот на Атланта Хокс веднаш стана еден од најзабележителните играчи.
Така беше и вчера, на натпреварот на гости против Вашингтон Визардс, каде Антиќ одигра 25 минути на теренот. Тренерот се обидуваше да го поштеди од преголем напор поради повредата на зглобот поради која пропушти еден натпревар, но забележително беше дека тимот на Атланта игра многу подобро кога македонскиот центар е на теренот. Антиќ имаше 13 поени и 12 скока, но тоа не беше доволно за Јастербите од Атланта, погодени од неколку повреди, да победат. И покрај водството на почетокот на натпреварот и неизвесната завршница, на крајот Визардс беа подобри со 101 – 97.
– При крај сме на сезоната и се обидуваме да победиме на што е можно повеќе натпревари и да обезбедиме учество во плејофот. Се обидуваме да играме малку порастеретено, бидејќи притисокот полека доаѓа. Јас како поискусен и уште двајца – тројца други, се обидуваме да ги смириме помладите. Тоа е спортот, тоа е кошарката, затоа е интересна. Изгубивме денес, продолжуваме понатаму и го забораваме ова, изјави Антиќ.
Кошаркарската легенда на Хокс, Доминик Вилкинс, по натпреварот не ги штедеше зборовите на пофалба за Перо Антиќ.
– Каде и да одиме Перо има пријатели, убаво е тоа да се види. Тој е прв Македонец во НБА и тоа е нешто посебно. Тој е голем играч, добро шутира, ја развлекува одбраната, но најважно за мене е што е супер фин човек, еден од моите омилени момци во тимот, изјави Вилкинс, додавајќи дека многу му се допаднало македонското вино кое го пиел со нашиот центар. Антиќ најави дека е можно Вилкинс наскоро да ја посети и Македонија, во рамките на неговиот престој во Европа.
Македонската кошаркарска ѕвезда се осврна и на изборите во Македонија, односно на поддршката која ја даде за претседателот Ѓорге Иванов во претстојните избори, поради поддршката која ја добил од претседателот во изминатите години, како капитен на македонската кошаркарска репрезентација.
– Затоа ќе кажам, од се срце поддршка има Ѓорге Иванов, затоа што секогаш бил кон мене позитивно настроен, со позитивни критики кон играчите, што и да направиме. И во лошо и во добро бил со нас, изјави Антиќ.
За навивачите кои го следат на натпреварите, особено во американските градови каде има голема македонска заедница, Антиќ рече дека чувствува голема благодарност за се што прават за да го пречекаат на спортските арени низ САД.
– Легенди, легенди. Голема благодарност и голема чест ми е да ги видам. Издвојуваат средства и толку се среќни што нивен кошаркар е во НБА. Едноставно голема благодарност и ќе пробам максимално да го искористам времето колку што можам со нив. Такви се Македонците, затоа сме единствени, изјави Антиќ.
]]>


